Професорот Трајко Славески синоќа во емисија на Телма телевизија ги појасни своите ставови поврзани со законот за минимална плата кои предизвикаа реакции во јавноста.
– Никој не кажал дека e против она законско редовно усогласување на платата и дополнителното. Јас јасно сум кажал дека треба да се промени формулата онака како што предлагаше една од страните. А тоа што некој сака да манипулира и извртува тоа е нивна работа. Да бидеме начисто никој не е против зголемување на платите, напротив – рече Славески.
Тој јавно праша зошто досега не се усолгасувале другите плати со минималната плата и даде пример колку би изнесувала една усогласена плата во образованието.
– Јас јавно ги прашував зошто не се усогласат со колективните договори, односно членот 8 од законот. Но, немаше одговор. Не се усогласија платите кога се зголеми платата од 12.000 на 14.500. Еве сега во моментов наставник кој има 24.000 плата треба да има 44.000 плата според коефициентот – истакна Славески.
Тој додаде дека донесувањето за минималната плата можеше да биде со помали тензии и со помали поделби во општеството.
– Тоа е така затоа што кај нас синдикати од приватниот сектор речиси и да не постојат. Има податок дека само околу 5 % од вработените во приватниот сектор членуваат во синдикати. Доколку има синдикати кои со месеци ќе се среќаваат со работодавачите нема да доаѓаме до ултиматуми и закани – рече Славески.
Славески изјави дека кога ќе праша некој зошто нема синдикати кај приватниците, а 5 години имаме социјалдемократска влада, треба да се знае дека СДСМ ја носи вината зошто е тоа така во приватниот сектор и има вакви тензии во општеството.