Ѕвездата на германскиот прволигаш Борусија Дортмунд, Себастиен Халер, мораше под итно да го напушти тренинг-кампот во швајцарскиот град Бад Рагазу, поради тешка болест.
Во понеделникот, за време на утринскиот тренинг, 28-годишниот репрезентативец на Брегот на Слоновата Коска, се пожали дека не се чувствува добро, па за време на интензивните лекарски прегледи било констатирано дека има рак на тестисите.
Веднаш било одлучено дека мора да биде направен нов преглед во специјалниот медицински центар во Дортмунд.
– Денешната вест беше шок како за Себастиен Халер, така и за сите нас. Целата фамилија на Борусија му посакува на Себастиен што побрзо да се рехабилитира за да можеме сите заедно да го гушнеме. Ќе направиме сѐ што е во наша моќ да го добие најдобриот можен третман – изјави спортскиот директор на црно-жолтите, Себастиан Кел.
Халер во својата фудбалска кариера го има носено дресот на Оксер, Утрехт, Вест Хем, но во вистинско светло се покажа откако потпиша договор со холандскиот гигант Ајакс. На одиграните 50 натпревари постигна дури 32 погодоци. Благодарение на одличните игри во дресот на Ајакс, 28-годишниот напаѓач си обезбеди трансфер во редовите на Борусија од Дортмунд која за неговото обештетување одвои 34.5 милиони евра.