Во Германија повторно се зголемува бројот на заразени со корона вирусот, покажуваат лабораториските наоди. Минатата недела имало околу 13.130 случаи, по околу 12.900 и 10.000 во претходните две недели, пишува германската новинска агенција (dpa).
Од почетокот на јули е забележан раст, објави Институтот Роберт Кох (РКИ). Вкупната фреквенција на респираторни заболувања минатата недела е зголемена во однос на претходната. Меѓу болните има и возрасни и деца.
Освен корона вирусот, во моментов релативно чести се и риновирусите кои предизвикуваат настинки.
Видот на корона вирусот ЕГ.5 (Ерис) беше во речиси половина од позитивните примероци на почетокот на октомври и сè уште има најголем удел, пренесува магазинот Феникс.
Ларс Шааде, претседател на РКИ, неодамна изјави дека не гледа можност вирусот да се прошири до степен што може да се спореди со ситуацијата во претходните години.
Во меѓувреме, населението изгради широк имунитет благодарение на вакцините и фактот што многумина се опоравија од болести.
Сега циркулира уште еден респираторен патоген кој може да има посебни карактеристики, како што е т.н долго ковид. Сепак, за повеќето луѓе нема сериозни последици.
Вистинскиот број на заразени е секако поголем од официјалниот, бидејќи сега тестовите првенствено се прават во случај на потешка форма на болеста.