Во изминатото деноноќие, руските сили истрелале 33 ракети врз цивилни цели во украинскиот град Херсон, објави украинската армија на Телеграм. Украинскиот воен аналитичар Олех Жданов вели дека борбите се интензивирани, при што Русија распоредила повеќе тенкови и оклопни возила на линијата на фронтот.
Најтешките борби сè уште се водат околу источниот град Бахмут, кој Русија се обидува да го освои со месеци, како и на север во градовите Сватов и Кремин, каде Украина се обидува да ги пробие руските одбранбени линии.
Денеска е 308-ми ден од конфликтот во Украина, а нападите продолжуваат на двете страни. Претходно медиумите објавија дека Украина подготвува напад на Донбас.
Би-Би-Си направи сопствена репортажа од Херсон и од цивилите кои изминатите денови засилено бегаа од градот.
„Тринаесетгодишната Ника Селиванова со двете раце направи облик на срце, мавтајќи ѝ на својата најдобра пријателка Ина која беше притисната на стаклената преграда што го делеше влезниот хол на железничката станица во Херсон од чекалната“, се вели во репортажата.
„Неколку моменти претходно, тие се гушкаа, солзи им течеа во очите. Ина ја бакна Азија, тенко куче завиткано во топло ќебе, носено од Ника во раце. Девојките не знаеја кога би можеле повторно да се видат“, продолжува написот во кој се раскажува како мајката Елена со трите ќерки за Божиќ се упатила кон градот Хмелницки не можејќи да издржи бомбардирање „70-80 пати на ден“.