Амбасадорот на Германија во Косово, Јорн Роде денеска ја врачи последната туристичка виза на еден косовски државјанин пред укинувањето на Шенген-визите за Косово, што стапува во сила на 1 јануари 2024 година, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во објава на неговата страница на платформата „Х“, Роде во оваа прилика изрази големо задоволство поради визната либерализација, нагласувајќи дека ерата на ограничување на движењето на косовските граѓани во Европа „конечно се затвора“.
Добитник на последната туристичка виза од германската амбасада е Бујар Рустеми.
За работни, студиски и други видови визи процедурите остануваат исти и по настапот на визната либерализација, што значи дека косовските граѓани во иднина ќе можат да престојуваат во посети на своите блиски или како туристи во земјите од Шенген-зоната до 90 дена во текот на период од 180 дена.