Во Босфорот се трупаат цистерни со руска нафта, а Турците не планираат да ги пуштат. Проблемот е во ембаргото за нафта кое ЕУ го стави во сила во понеделникот со кое ја ограничи цената на 60 долари за барел, пренесува Фајненшл Тајмс. Русите мораат или да чекаат или да пуштаат танкери кои ќе пробаат да ги заобиколат Босфор и Дарданели, таканаречена „флота во сенка“.
Како што пишува весникот, 90 отсто од светскиот превоз е покриен со осигурување издадено во Европа, а тоа е поентата на новите санкции – без осигурување руските бродови нема да можат слободно да пловат низ светот, т.е. само оние бродови што носат нафта која ќе се продава по 60 долари за барел или пониска ќе можат да добијат целосно осигурување.
За секој неосигуран брод, штетата ја плаќа Анкара
Турските власти не се грижат за ова затоа што не планираат да пуштат ниту еден неосигурен брод. Анкара знае дека во случај на катастрофа, излевање на нафта или каква било друга несреќа, таа би морала да ја поправи целата штета што може да ја направи неосигурен брод.
Во писмото издадено од турската влада во средината на ноември, се инсистира сите бродови што ќе минуваат низ Босфорот да имаат целосно осигурување, иако тоа би значело кршење на санкциите на ЕУ.
Значи, Турција не ослободува танкери без целосно осигурување, а осигурителите на ЕУ не можат да ги осигураат руските бродови бидејќи бродовите ги прекршуваат западните санкции.
Сообраќајниот метеж кај Босфор и Дарданелите започна на 29 ноември, кога турските власти одбија да го пропуштат првиот неосигурен руски брод, а до денес се насобраа веќе 19. Москва, пак, порача дека нема да продава нафта под цена од 60 долари за барел, бидејќи тоа е начин да се дестабилизира пазарот, недостигот и да се намалат инвестициите.
Руската „флота во сенка“
Истовремено, Русија собра „флота во сенка“ во која има околу стотина танкери кои ќе се обидат да ги заобиколат западните санкции со пловење без осигурување или ќе бидат осигурани од компании од неутрални земји. Фајненшл Тајмс од свој извор дознава дека руските осигурителни компании го потврдиле осигурувањето на неколку бродови кои поминале непречено, додека моментално се блокирани само бродовите кои се делумно осигурени од компании од ЕУ или пак воопшто не се осигурани.
Санкциите за увозот на нафта треба да ѝ нанесат тежок удар на Москва, но многу економисти веруваат дека Европа, каде што инфлацијата е неконтролирана и се заканува рецесија, си пука во ногата со овие санкции.
60 долари не се ништо, на берза нафтата чини 52?
Во Брисел велат дека забраната за увоз на танкери ќе покрие 90 отсто од рускиот извоз во Европа и дека извозот на руска нафта во ЕУ веќе е значително намален, сега изнесува 1,5 милиони барели во споредба со 3,95 милиони барели во предвоениот период. Но, тоа не значи дека Русија почна да губи пари бидејќи нафтата ја пренасочи кон Кина и Индија.
Некои економисти сметаат дека барел од 60 долари воопшто не влијае на Русите, бидејќи нивната нафта се продава поевтино од референтните цени на западните берзи. Минатата недела барел руска нафта беше 52 долари, што украинскиот претседател Володимир Зеленски добро знае и повторува дека овие санкции се „слаби“.
Европа нема алтернатива за нафтата
Ако ништо драматично не се случи со увозот на нафта, ЕУ може да се најде во неволја на 5 февруари, кога стапува на сила забраната за увоз на нафтените деривати.
Треба да се знае дека 60 отсто од дизелот што се троши во Европа доаѓа од Русија и дека континентот нема поголеми алтернативи за гас од друго место, па среде зима би можеле да имаме недостиг од тој енергенс што се користи за транспорт, индустрија и за греење.