Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во рамки учеството на овогодишниот Дубровник форум, оствари прва средба со заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Република Бугарија, Марија Габриел, по назначувањето на новата политичка Влада на Бугарија.
Како што соопшти МНР, упатувајќи честитки за новата функција, Османи изразил задоволство што, со формирањето на новата Влада во Бугарија, се создаваат дополнителни перспективи за поинтензивен политички дијалог, а со тоа и зголемени можности за зајакнување на билатералната соработка меѓу двата соседи.
На средбата министрите размениле мислење за работата на секторските работни групи, чии резултати се конкретни и видливи за граѓаните на двете земји, реафирмирајќи ја нивната важност за севкупните односи и соработка.
„Посебен акцент во разговорите беше ставен на европската перспектива на Република Северна Македонија, соодветно на принципите и одредбите од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка“, се наведува во соопштението од македонското Министерство за надворешни работи.
На средбата биле разменети и ставови за актуелните политичко-безбедносни состојби во регионот, и потребата од забрзување на евроинтеграциите на државите од Западен Балкан, гледано и низ призма на променетите геополитички околности, се наведува во соопштението од МНР.