Собранието денеска ја почна 31-седница на која пратениците расправаат по Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата во трето читање, за кој се поднесени вкупно шест амандмани.
Врз основа на член 75 став 3 од Уставот, Собранието повторно го разгледува Законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници претседателката е должна да го потпише указот.
Пратениците отфрлија два амандмани на СДСМ и два амандмани на Левица.
Двата амандмани поднесени од пратениците на СДСМ кој се однесуваа на бришење на член 9 за бришење на став 2 и да се избрише членот 10.
Пратеничката Јованка Тренчевска ги образложи амандманите од СДСМ. Во првиот амандман се бара бришење на ставот 2 во член 9 во кој се спомнуват двојазични лиценцаи за работа и се бара допрецизирање на одребдите на законот за дополна на Законот за заштита на децата поради одлуката на претседателката.
Во вториот амандман СДСМ предлага промена во членот 10 во врска со тоа како и на кој јазик се полага испитот на кандидатот за лиценца.
На расправата, исто така, беа отфрлени и двата амандмани поднесени од Левица. Пратеникот на Левица, Сашко Јанчев при образложување на амандманите потенцираше дека партијата бара во членот 10 став 1 и став 2 зборовите „и на јазикот што го зборуваат 20% од граѓаните на Република Северна Македонија и неговото писмо“ се бришат.
Тој посочи дека амандманот го предлага со цел предложеното решение да не биде спротивен на Амандман V од Уставот.
Јанчев нагласи дека со другиот амандман бараат во членот 9 став 2 зборовите „на јазикот што го зборуваат 20% од граѓаните на Република Северна Македонија и неговото писмо“ се менуваат со зборовите „на еден од службените јазици и нивните писма во зависност од мајчиниот јазик на кандидатот“. Посочи дека амандманот го предлага со цел предложеното решение да не биде спротивен на Амандман V од Уставот.
Овие амандмани предизвикаа политички препукувања и обвинувања помеѓу пратениците на Левица и Коалицијата „Влен“.
Димитар Апасиев, пратеник на Левица нагласи дека со амандманот бараат зошто само на албански да му се издава уверение на некој кој полагал лиценца.
– Зошто не и на турски да му се издава, зошто не и на ромски да му се издава, зошто не на спрски да му се издава. Ние не сме бинационална држава. Ако сме мултиетничка ќе биде на сите, а не само на два јазика – рече тој.
Апасиев нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ ја спроведуваат Тиранската платформа.
Пратеникот на „Влен“, Халил Снопче му возврати дека тој со неговата тајфа протестирале против Педагошкиот факултет, за да, како што рече, не може да се создаваат кадри кои ќе предаваат на албански јазик.
– Колку што повеќе права имам јас, тоа ќе се шири кај тебе. Ти ќе бидеш послободен. Тоа е и во врска со слободата. Ти не губиш ништо, ако јас добивам едно парче право – рече Снопче.
На ова, Апасиев одговори дека нема ништо против албанскиот јазик. Проблемот е, како што рече, е што „во вашиот иредентизам и вашата кусогледност вие не гледате дека градиме паралелни општества, дека младите Македончиња и младите Албанчиња се разбираат“.