Над 430 милиони евра нови инвестиции и над 2 000 нови работни места само за една година – со овие бројки ја заокружуваме најдобрата година до сега од постоењето на технолошко-индустриските развојни зони. Веќе во октомври ја надминавме и највисоката граница на извоз од три милијарди евра, што беше претходен највисок резултат постигнат во 2021 година, вели во интервју за МИА директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски.
Деспотовски нагласува дека годинава ја почнуваме со нова инвестиција од Северна Америка, што ќе биде лоцирана во ТИРЗ Штип и ќе донесе близу 2 000 нови работни места, а почетокот на производството е планирано за крајот на 2023 година. Деталите за американската инвестиција, најавува, ќе бидат соопштени за десетина дена, и од менаџментот на компанијата и од Владата,
– И, секако, не застануваме тука. Веќе година дена работиме на преговори со американско – тајванска компанија, каде во конкуренцијата се соседна Србија, но и НР Кина. Очекувам дека за еден – два месеца ќе имаме добри вести и ќе ја имаме следната најголема инвестиција во постоењето на ТИРЗ, овојпат над 200 милиони евра и близу 4 000 нови работни места – истакнува директорот и открива дека има преговори за новата високотехнолошка зона Скопје 3.
– Очекувам дека првичната цел што си ја поставивме, а тоа е една милијарда евра нови инвестиции во зоните до крајот на мандатот во 2024-та, да ја постигнеме оваа година – додава Деспотовски.
Во изминативе две години се отворени над 3 500 нови работни места, а од 2017 година до денес бројката е + 10.000.
Анализите покажувале раст на платите од најмалку 15 отсто кај компаниите во зоните споредено со лани како и дека годинава ќе бидат над државниот просек.
За проекциите за 2023 година во однос на инвестициите, Деспотовски вели дека има значително зголемен интерес кај инвеститорите, не само странски туку и домашни. Само во моментов во ТИРЗ сме во фаза на понапредни преговори за инвестиции над 500 милиони евра.
– Преку Законот за стратешки инвестиции работиме на инвестицијата на грчки „Митилинеос” во делот на енергетиката, која тежи над 200 милиони евра. Но, она што е уште позначајно е дека се повеќе се отвораме и кон домашните компании, бидејќи кај нив лежи голем инвестициски потенцијал. Наскоро во зоните ќе инвестира и голема македонска компанија што верувам дека сигурно ќе поттикне серија инвестиции од домашните компании. Од декември во владина процедура се и измени на Законот за индистриски и зелени зони, со кои бројот на компании корисници на зоните, во најголем дел домашни, ќе се зголеми значително. Целта е моделот и поддршката што до неодамна беше ексклузивно право односно привилегија на странските да ги ставиме на целосно располагање и на домашните компании. Со сите овие активности, очекувам дека првичната цел што си ја поставивме, а тоа е една милијарда евра нови инвестиции во зоните до крајот на мандатот во 2024 да ја постигнеме веќе во оваа година – истакнува Депостовски.