Во својата реакција Елмедин Адеми не ги објаснува ниту ги коментира своите релации со ДУИ, како и тврдењата дека тој лично и неговата компанија Еуровиа се јавуваат како донатори на оваа партија.
Фирмата Еуровиа, која го доби тендерот од 1,8 милиони евра за адаптација на спортската сала „Борис Трајковски“ била еден од донаторите на политичката партијата ДУИ, може да се види од извештајот на ДУИ од март годинава за примените донации во 2022 година, кој е доставен до Управата за јавни приходи, Државниот завод за ревизија и до Министерството за финансии.
Во овој извештај, покрај билансот на приходи и расходи, се наведени сите донации за партијата од правни и физички лица. Меѓу донациите од правни лица, евидентирана е фирма со име Еуровиа Тетово, која донирала 1.845.000 денари во текот на 2022 година. Како поединечни донатори се јавуваат и лицата Бејтула Адеми со донирани 300.000 денари и Елмедин Адеми со донација од 2.509.200 денари.
Во своето соопштение до јавноста фирмата Еуровиа појаснува дека износот на договорот не е 1,5 милиони евра, или 1,8 милиони евра со ДДВ, како што се нагласува во новинарските извештаи и партиските соопштенија.
„Овие денови имавте можност да прочитате во голем дел од медиумите вест за тендерот што компанијата со која јас управувам, ЕУРОВИА го доби тендерот со вредност од 1.5 милиони евра, од Министерството за надворешни работи. Во принцип, во овој текст нема ништо невистинито.
Всушност, имам потреба за подетално објаснување. Сакам да ве информирам дека во договорот стои дека ‘Договорниот орган нема задолжение да го исполни износот од Алинеа 1 од Член 2 од Договорот’, што значи дека вредноста од 1.5 милиони евра за тендерот ќе се троши согласно потрошените количества на извршената работа“ – се вели во соопштението на компанијата.
Тој понатаму нагласува дека „Носењето на презимето Адеми и да се спомне блиската врска со поранешниот функционер на ДУИ кој што е починат, е неетично и не претставува чесност која би требало да се истакне во вакви вести!“
Во својата реакција Адеми не ги објаснува ниту ги коментира своите релации со ДУИ, како и тврдењата дека тој лично и неговата компанија Еуровиа се јавуваат како донатори на оваа партија, за што и Државната комисија за спречување на корупцијата најави дека ќе отвори постапка. Антикорупциската комисија смета дека постои ризик од политичка поврзаност на ДУИ и компанијата која победила на тендерот на МНР, каде министер е исто така кадар од ДУИ.