Маж од Крушевац и неговата партнерка се уапсени под сомнение дека сториле кривични дела против сексуалната слобода на штета на неговите две малолетни ќерки од неговите претходни бракови.
Основното јавно обвинителство и полицијата сега проверуваат дали двајцата сториле некое од кривичните дела: недозволени полови дејствија, дистрибуција на порнографски материјал или сексуална експлоатација.
– Случајот е исклучително сложен, пред сè поради семејните врски меѓу осомничениот и наводните жртви. Обвинувањата се страшни и сè уште не се целосно дефинирани. За работите да бидат уште пострашни, станува збор за ќерки на еден од уапсените. Освен да се провери дали некој од нив е макро, треба да се утврди и дали можеби ги снимал додека наводно биле со мажи и ги дистрибуирал тие снимки. Засега интензивно се истражуваат сите околности за извршување на неколку наводни кривични дела – вели соговорник близок до истрагата.
Постапката почнала кога едно од девојчињата ѝ се доверило на мајка си, поранешна сопруга на осомничениот, која целиот случај го пријавила во полиција откако ќерката ѝ кажала што ѝ се случувало. Тогаш се огласила ќерката на осомничениот од друг брак, односно полусестра на жртвата.
Во меѓувреме, полицијата почна да ја проверува автентичноста на сите изјави, се сослушуваат сведоци, а ќе се вршат и дополнителни вештачења, не само психолошко-психијатриско, туку ќе се проверуваат мобилните телефони и целата комуникација од социјалните платформи, пишуваат српски медиуми.