Судското рочиште против охриѓанецот Илија Спасески, обвинет за тепањето на Христијан Пендиков, секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, денеска се одложи поради штрајкот на судската администрација за повисоки плати.
Застапникот на Пендиков, адвокатот Стефан Камишевски, рече дека Пендиков ќе се појавува на секое рочиште иако не бил целосно заздравен. Тој изјави дека државните органи и обвинителството добро си ја завршиле работата со пронаоѓањето на второобвинетиот, против кого исто така е поднесена кривична пријава.
На следното рочиште, закажано за 26 октомври, на обвинителна клупа ќе седне и 23-годишниот битолчанец Борче Ангелев како второобвинет за кривичното дело „нанесување тешки телесни повреди“.
– Лицето е препознаено, поднесено е соодветно обвинение против него, очекуваме постапката против тоа лице да биде споена со оваа постапка и понатаму да се води како еден предмет, за истото кривично дело. Секако, тоа ќе биде соопштено на следното рочиште – рече Камишевски.