Во новата 2025 година невработеноста ќе се намали на 11,2%. Платата ќе се зголеми за 7,5%. Економскиот раст се очекува да биде 3,7%. Но, годинава Јавниот долг ќе достигне ниво од 66,4% и следната година ќе се намали умерено, пишува Порталб.мк.
Министерството за финансии преку новата Фискална стратегија 2025-2029 та ги исцрта економските планови на Владата во следните 5 години.
Планови на Владата за економската 2025-та
„Наспроти моделот за економски раст на претходната Влада базиран на потрошувачка, новата Влада ќе креира раст преку инвестиции, зголемена конкурентност на домашната економија и зголемување на извозот“.
Ова е нотирано во новата Фискална стратегија 2025 – 2029 година, во која се исцртани плановите на власта во однос на јавните финансии. Ресорното Министерството за финансии соопштува дека се направени отстапки во однос на фискалните правила во Фискалната стратегија 2024 – 2026, во делот на буџетскиот дефицит и јавниот долг, а како причина ги посочува политиките на претходната Власт.
„Причините за отстапување од фискалните правила во 2024 – 2026 произлегуваат исклучително од наследени обврски од претходната Влада и потребата за обезбедување на финансиски средства за усогласување на платите согласно општите колективни договори, доспеани законски обврски кои не биле предвидени со иницијалниот Буџет за 2024 година, покривање на високиот износ на доспеани, а неплатени законски обврски коишто беа наследени од претходната влада“, се наведува во новата Фискална стратегија 2025 – 2029.
Иако во новиот документ се прецизира дека јавниот долг треба да биде на ниво од 60% од БДП, оваа стапка годинава ќе достигне 66,4% а дури во 2029 та ќе се спушти под 60%. Владата најавува фискална консолидација. Во Буџетот за 2025 година, дефицитот ќе се утврди на ниво од 4%, а следните економски години се очекува натамошно намалување.
Во следната буџетска 2025 та година , која ќе биде и прва целосна економска година менаџирана од сегашната власт, се очекува намалување на невработеноста на ниво од 11,2% , нето-платата ќе се зголеми за 7,5% а просечната стапка на инфлација е проектирана на 2,2%.
Во услови на умерен економски раст, а проектирано ниво на јавен долг над 60% , се најавува раст на буџетските приходи врз основа на економските прогнози, но и поради „ефектите од планираните даночни реформи“.
Не се очекуваат промени во даночната политика
„Поголема правичност во оданочувањето, со цел да се обезбеди секој да ја исполнува својата општествена обврска и да го плаќа својот праведен удел од данокот“, се наведува , меѓу другото, во стратегијата.
Во наредниот период, даночната политика ќе биде насочена кон задржување на ниските даночни стапки кај одделните директни и индиректни даноци. Кај данокот на добивка ќе се пристапи кон усогласување со глобалниот минимален данок на добивка, каде што нашата држава е веќе потписничка на иницијативата на ОЕЦД/ Г20.
Од 2025 година ќе започне примена на даночната стапка 15% за добивката на компаниите со консолидирани приходи над 750 милиони евра.
Рестартирање на инвестициите – придонес ќе има и проектот „Бехтел и Енка“
За разлика од годинава, кога капиталните инвестиции се на „инфузија“, за вгодина се најавува „рестарт“, високо ниво на јавни инвестиции и раст на странските директни инвестиции.
„Во периодот 2025-2029 година, фискалната политика ќе биде насочена и кон создавање на предуслови за нов циклус на економски раст преку реализација на висок износ на јавни капитални инвестиции, постепена фискална консолидација и подобрување на управувањето на јавните финансии“, се наведува во новиот документ.
Според новите проценки на Министерството за финансии, бруто-инвестициите ќе растат со просечна стапка од 7,8%, а нивото на капиталните инвестиции од Буџетот се очекува да биде 4,7% во пресек. Следната година еден од главните столбови на капиталните инвестиции ќе биде инфраструктурата а во неа и проектот “Бехтел и Енка” за автопатските коридори кој беше нај критикуван проект од страна на тогашните опозициски, сегашни владејачки партии.
„Значителен придонес се очекува од почетокот на изградбата на коридорите 8 и 10 д ( проект ‘Бехтел и Енка’) , согласно преземените чекори за оптимизација на трошоците, динамиката, и условите, потоа, изградба и реконструкција на бројни автопати, експресни, магистрални, регионални, и локални патишта, железничкиот транспорт, инвестиции во енергетиката итн“, се наведува во новата Фискална стратегија.
Овој документ оди во „пакет“ со Буџетот и ги одразува плановите на власта во однос на јавните финансии.