Стапката на инфлацијата во Еврозоната минатиот месец забележа нагло зголемување како последица на покачените цени на енергенсите.
Денеска објавените податоци говорат дека инфлацијата во областа на потрошувачката во март достигнала стапка од 7,4 отсто, споредбено со 5,9 отсто во февруари.
Пресметаната базична инфлација што не ги опфаќа цените на енергијата, храната, алкохолот и тутунот исто така бележи раст на 2,9 наспроти 2,7 отсто колку што изнесуваше во февруари.
Сегашната стапка на инфлацијата е повеќе од трипати поголема од таргетираните 2 отсто на кои се надеваше Европската централна банка. ЕЦБ предвидува дека цените на храната и на енергијата ќе продолжат да се зголемуваат во месеците што следат. Проекциите се дека инфлаторниот притисок ќе потрае подолго од претходно предвиденото.
Се очекува пикот на основната инфлација да достигне некаде над 8 отсто, со просечна инфлаторна стапка од 7 отсто на годишно ниво.
Бидејќи зголемената инфлација ќе ја намали потрошувачката, се очекува 2022 да биде година на стагфлација за Еврозоната.
Најголема инфлација минатиот месец има кај цената на енергијата, со раст од 44,7 отсто наспроти 32 отсто забележан во февруари.
Цените на прехранбените производи, алкохолот и тутунот во март поскапеа за 5 отсто наспроти 4,2 отсто месец претходно.
Исто така, растот на цените на неенергетските индустриски производи се зголеми на 3,4 отсто од 3,1 отсто раст во февруари. Слично е и кај трошоците за услуги кои минатиот месец поскапеа за 2,7 проценти наспроти 2,5 отсто во февруари.
Последните показатели сугерираат на продолжено зголемување на инфлаторните притисоци во Еврозоната.
Инфлацијата во Германија, најголемата економија во Еврозоната, достигна рекордно високо ниво како резултат на растечката цена на енергијата. Цените во Германија минатиот месец се покачија за 30,9 отсто наспроти 25,9-процентниот пораст во февруари.
Се очекува цените на енергенсите во Еврозоната да останат високи во мигови кога европските држави планираат намалување на зависноста од рускиот гас и нафтата.
Анализите спроведени минатиот месец покажуваат постојано зголемување и на трошоците при набавките и на цените кај продажбата, во услови кога компаниите се обидуваат да го поделат со клиентите товарот од зголемените оперативни трошоци. И во двата случаи, инфлацијата бележи раст, што се очекува да биде потврдено и преку резултатите на следните анализи.