Лошата вест дека вчера починало уште едно бебе во болницата во Битола по изведен царски рез предизвика бурна реакција кај родилката од Битола, Викторија Крстеска, чие бебе почина пред неколку месеци во истата таа болница.
„Како мајка која неодамна го загуби своето бебе во таа проклета болница. Како жена која сама се бори против сè и сите. Јас ќе застанам позади таа жена која вчера го изгуби бебето. Заедно можеме. Мора да има крај на овие случувања. Одговорност. Немалтретирано. Почнаа и со нови изрази по моето малтретирање. Да, ова беше моето ‘ненасилно’ породување. Доста е, нема да молчиме. Родилката не искажала незадоволство. И неа ли ѝ нудите сокче? Кафенце или можеби пари? Не постои пара на светот што може да ме купи за да не се борам за правдата на своето дете, како и за нанесување штета и на други мајки“, објави Крстеска.
Инаку, директорката на болницата, Елизабета Ивановска, кажа дека родилката која вчера го загуби своето бебе била на 21-годишна возраст и немала контролирана бременост.