Обвинението против две лица за грабнување и помагање при грабнување, кое ЈО го поднесе денеска, се однесува на грабнувањето и задржувањето на Самоил Костадиновски, внук на поранешниот министер за внатрешни работи и лидер на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.
За истиот настан, постапката против уште едно лице е привремено прекината до негово пронаоѓање и лишување од слобода.
Првообвинетиот на 3 март годинава, заедно со лицето, кое се наоѓа во бегство и други непознати лица, го грабнале Самоил, со закана дека ќе го убијат
„Намерата им била да го натераат оштетениот да плати претходно украдена наркотична дрога – хероин во количина од 4 килограми“, соопшти денеска Обвинителството.
Обвинетите го грабнале Костадиновски и го однеле на непознато место. Во следните неколку дена, преку пораки на мобилни апликации од непознати испраќачи, членови на семејството и блиски лица на оштетениот добивале пораки со барање да им се платат пари за наводно преземена, а неисплатена наркотична дрога.
Со цел да се прикријат трагите, возилото со кое е извршено кривичното дело и во кое последен пат бил виден оштетениот, било опожарено во Драчево.
Јавниот обвинител предлага мерка притвор за првообвинетиот, додека за помагачот претходно определените мерки на претпазливост да се заменат со мерка куќен притвор.