More

    Само Грците можат да нѐ спасат од самопонижување

    spot_img

    Добар е предлогот на претседателот Стево Пендаровски за пролонгирање на рокот за вадење лични документи, ама сепак ќе мора да ги прашаме Грците затоа што обврската произлегува од потпишаниот меѓународен Преспански договор во 2018 година.

    Ваков беше одговорот на премиерот Димитар Ковачевски, кој вети дека за ова прашање дефинитивно ќе се разговара на седница на Влада, а во меѓувреме го упати Пендаровски да ѝ се јави на грчката претседателка Катерина Сакеларопулу и да побара разбирање за пролонгирање на роковите.

    – Ќе се консултирам со министрите за предлогот на претседателот Стево Пендаровски да се одложи рокот за менување на личните документи, а и јас лично сметам дека тоа е добар предлог. За продолжување на рокот за менување на личните документи ќе разговараме на седница на Влада. Претседателот најдобро знае и има повеќе детали за тоа како може да се изведе процедурата со оглед на фактот дека вадењето нови лични документи е обврска којашто произлегува од потпишувањето на меѓународен договор. Токму тој меѓународен договор ни овозможи да станеме членка на НАТО и таа обврска е наведена во закон, така што не може да кажете дека Владата нешто направила, бидејќи станува збор за законски решенија за уставни измени коишто се правени во Собранието. Но, тоа што Владата во моментов може да го направи е да го олесни тој процес. Ќе направиме сѐ за да се направат потребните законски измени и да се прифати предлогот на претседателот Пендаровски – рече Ковачевски, потсетувајќи ја јавноста дека вадењето нови лични документи е дел од меѓународен договор со Грција, а тоа значи дека и Грција треба да даде „амин“ за пролонгирање на рокот.

    Пендаровски вчера во интервју на ТВ Сител предложи рокот за вадење нови лични документи да се пролонгира до септември-октомври, наместо да заврши во февруари.

    – Ова го предложив на најмалку двајца министри во македонската влада – со брза интервенција во два закони – закон за лична карта и закон за патни исправи, и ако е потребно и законот за безбедност во патниот сообраќај, тоа се прави во едно попладне, знаеме дека може да се направи во едно попладне, не мора со европско знаменце да биде. Ќе ги измениме тие два закона, ќе го пролонгираме рокот, наместо февруари да биде септември или октомври, претходно ќе ги известиме и Грците дека немаме намера да бегаме од обврските од Преспанскиот договор – рече Пендаровски.

    Пролонгирање на рокот денеска предложи и Демократскиот сојуз.

    „Замената на лични документи е согласно Договорот потпишан во Преспа, помеѓу Македонија и Грција, но повеќе од јасно е дека нема технички можности, како и доволен кадровски потенцијал, за да се изврши оваа операција до почетокот на февруари“, соопшти Демократски сојуз.

    Во соопштението е наведено дека овој состав на Владата или идната техничка влада треба да ги подготви законските измени, по што Парламентот по итна постапка да ги донесе.

    „Евентуалните отворени прашања со Грција треба дa се разрешат по дипломатски пат. Пред шалтерите на МВР се создаваат огромни и неподносливи гужви, каде граѓаните чекаат во колони и по два дена за замена на документите“, информираше партијата на Павле Трајанов.

    Кај итно, па и скапо

    Освен промената на важечките документи, граѓаните сега за нив плаќаат и повисока цена, откако Владата во март минатата година донесе таква одлука.

    Пасошите сега чинат 500 денари повеќе за возрасните граѓани над 27 години, кои плаќаат 2.300 денари за патна исправа. Оваа цена е за целата постапка, вклучително со пресметаните трошоци за таксени марки. Поскапо за 1.600 денари чини пасош по итна постапка, односно вкупно 6.100 денари.

    Промената на сите документи за едно четиричлено семејство со двајца возрасни и две малолетни деца чини околу 180 евра. Освен пасош, со новите цени, треба да дадат по 310 денари за лична карта, 520 денари за една возачка дозвола, 250 за сообраќајна дозвола и 1.250 денари за промена на таблички за еден автомобил.

    Цените на пасошите за деца останаа исти – 1.600 денари, а за деца од 4 до 18 години – 1.700 денари. Возачка дозвола по итна постапка изнесува 1.230 денари, што е зголемување за 390 денари.

    Ова го повлекува и прашањето зошто граѓаните треба да го платат овој голем издаток од свој џеб, а и народниот правобранител Насер Зибери неодамна беше категоричен во тоа дека овој трошок не смее да биде покриен со пари од семејните буџети.

     Државата наметнува обврска, а во тој случај логично е граѓаните да не бидат изложени на трошоци, бидејќи таа обврска се наметнува не по нивна вина и не поради истек на исправата – реагираше Зибери.

    И тој е скептик дека процедурата со промена на личните документи ќе биде завршена во предвидениот рок.

    – Не е возможно во определениот законски рок сите граѓани да ги сменат личните исправи, за што се создадоа големи редици во просториите на МВР и беа отворени дополнителни пункотви. За жал и денес добиваме информации дека тој процес тешко се одвива и дека Министерството тешко ќе стигне навреме да ги задоволи сите барања за смена на овие исправи – рече Зибери.

    Сакаме во ЕУ, а не сме ни за во Африка

    Поранешниот амбасадор на Македонија во Будимпешта и во Атина, Дарко Ангелов, се огласи со критики до МВР и до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

    Тој сега е вработен во ОБСЕ, а во Македонија не може да си извади пасош.

    Дарко Ангелов, поранешен македонски амбасадор во Будимпешта и во Атина

    Лично бил сведок на огромните гужви на пунктот каде што граѓаните ги подигнуваат новите документи и вели дека ова се случува во главниот град на „земја која претендира дека е Европа, а не е достојна ни за Африка“!

    – Празнична голгота, кога дното нема дно! Од медиуми знаев дека е тотален хаос, но човек треба да искуси за да види колкав е колапсот на тоа што претендира сѐ уште да е држава. Јас и најблиските, поради мојата професија живееме во странство, а и често патуваме. Затоа и неизбежно беше престојот дома да го искористиме за замена на пасошите, како што ни наложија властите без наша согласност. И што нѐ пречека: пункт на МВР во МТВ, оддел за подигање на документи: огромна гужва, 2/3 пензионери, стојат со часови, залепени еден до друг, сите молчат бидејќи некој од МВР им се заканил дека ако вреват, сите ќе ги избркал… надвор се стемнува, во просторијата мрак, влага, ѓубре, нема вентилација, нема столчиња, а малкуте искршени. Конечно после 4 часа чекање, вратата се отвора, стампедо од очајни луѓе влетуваат. Внатре нѐ пречекуваат полураспаднати шалтери и еден исклучително нељубезен и агресивен униформиран припадник на МВР кој постојано викаше и се закануваше на мачениците кои чекаат дека ако зборнат и малку ќе ги избркал – раскажува Ангелов.

    Се редат луѓе, додава тој, а на половина од нив им кажуваат дека џабе чекале со часови бидејќи документите не им се готови, понекогаш и по недели и месеци откако поднеле апликација за промена.

    – Од друга страна на шалтерот, хаос, по земја расфрлени документи, нема ни доволно полици. Вработените нервозни и агресивни. Влетуваат други вработени, на нешто што личи како носилка носат нови пасоши, сѐ се расфрла наоколу, а од страна се носат преку ред „познати фаци“ и функционери кои веднаш завршуваат работа. За нас останатите нема минимум систем, никаков концепт, хаос кој зборови не можат да го доловат. Мојата состојба, ко илустрација за маките на сите останати: мојот пасош бил одобрен, но не е отпечатен, тој на сопругата не знаат каде е, а на синот е отпечатен, но не е донесен. Сите тројца поднесовме апликации во ист ден, ист час. Апсурдистан без срам! Беше жално и траорно да се гледа оваа голгота, луѓе очигледно болни и изнемоштени кои по неколку дена чекаат со часови, само за таму некој службеник да им вика и да ги понижува. Сѐ ова, среде главниот град на земја која претендира дека е Европа, а не е достојна ни за Африка! На овој голем ден, останува да кажам, Господ да ни е напомош, иако и тој мислам веќе не може да ни помогне! Арам да ви е! – раскажа Ангелов.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img