Претстојниот Самит на ЕУ кој треба да се одржи на 14 и 15 декември ќе биде уште едно големо разочарување за Македонија, а причината за разочарувањето ќе биде токму раштиманиот владејачки тандем: претседателот Стево Пендаровски и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој им влева непотребна лажна надеж на граѓаните.
Ова за Плусинфо го изјави поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник во редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, коментирајќи ги контрадикторните ставови што деновиве ги искажаа токму шефот на државата и шефот на дипломатијата – првиот призна дека исходот од Самитот на ЕУ е јасен и дека земјава нема да слушне добри вести, а вториот, пак, тврди дека сѐ уште не е ништо загубено и дека постои надеж во следните денови да ги изгласаме уставните измени и да го исполниме условот за почеток на преговорите.
Самитот на ЕУ ќе биде уште едно разочарување за Македонија.
– Контрадикторноста во изјавите на претседателот на државата и на министерот за надворешни работи се должи на две работи. Прво, очигледно е дека има слаба меѓусебна комуникација. И второ, факт е дека Владата и претседателот кон Бугарија презедоа обврска која не можат да ја исполнат, па сега секој од нив се обидува да ја префрли одговорноста на некој трет актер кој воопшто не бил дел од овој процес. Наместо да си понесат одговорност за грешките, веројатно Пендаровски и Османи ќе продолжат да бараат „грешници“ кај сите други, освен кај самите себеси. Заради ваквите политики на подгревање на лажни надежи во врска со ЕУ, овој декемвриски Самит на ЕУ ќе биде уште едно разочарување за Македонија, а како последица на раштиманиот владејачки тандем Пендаровски-Османи – коментира Милошоски.
Поранешниот дипломат Ивица Боцевски во разговор за Плусинфо вели дека претстојниот Самит на ЕУ е критичен за натамошното проширување на ЕУ.
Очигледно нема интерес за натамошно проширување кај земјите од јадрената Европа, без претходна темелна реформа на Унијата, со други зборови, без федерализација на ЕУ.
– Таканаречената геополитичка ЕУ претрпе пресериозни удари во изминативе години, започнувајќи со Брегзит, а посебно по двете војни во Украина и во Газа, каде што улогата на Унијата е очигледно второстепена. Единствената точка каде што ЕУ може геополитички сериозно да поентира е Западен Балкан, но тука се судираме со друг комплекс прашања. Очигледно, нема интерес за натамошно проширување кај земјите од јадрената Европа, без претходна темелна реформа на Унијата, со други зборови, без федерализација на ЕУ. Прашање е дали, кога и како ќе се спроведе оваа и ваква реформа. Имајќи го тоа предвид, стратезите во ЕУ предлагаат некаков меѓучекор за земјите од Западниот Балкан што ќе подразбира влез во единствениот пазар, самото срце на ЕУ и единствена точка каде што се среќаваат националните интереси на сите земји-членки. Урсула фон дер Лејен, како претходно на ГлобСек во Братислава, така и при блиц-посетата на Балканот, спомна некаков фазен влез на земјите од Западниот Балкан во единствениот пазар, веројатно со целосен влез на единствениот пазарот за стоки, капитал и дигитални услуги, нејасен е планот за останатите услуги, а ништо не се спомнува за слободното движење на луѓе. Овој фазен влез е далеку помалку отколку што е потребно за трајно всидрување на земјите во ЕУ, но би било добро и тоа да се понуди со јасен план. Неколку државници од Западен Балкан излегоа и со барање за итен пристап на земјите од регионот кон структурните и кон кохезивните фондови на ЕУ, уште пред членството. За жал, нема интерес за таков пробив и затоа разочара планот од дополнителни 6 милијарди евра, кој е далеку пократок од основните потреби. Се спомнува и идејата земјите од Западниот Балкан, но и трите пост-советски земји, да добијат веднаш делегати во Европскиот парламент, по можност уште во следниот состав. Тоа ќе значи многу на симболички план, но далеку посуштински е да дојде до интеграција на земјите во единствениот пазар – анализира Боцевски.
На прашањето дали треба да очекуваме уште поголем притисок во поглед на прифаќањето на уставните измени по завршувањето на Самитот на ЕУ, Боцевски вели дека притисокот ќе продолжи, а САД ќе го предводи како водечка земја од западниот свет.
– Притисокот врз Македонија секако дека ќе продолжи, без разлика на тоа кој ќе биде завршниот исход на војната во Украина. Секако дека ЕУ, а посебно САД, ќе инсистираат Киев да добие јасна европска перспектива, а по можност на брза лента. Ова ќе значи дека мора да бидат надминати сите точки што ја кочат интеграцијата и на Западниот Балкан и на трите пост-советски земји од поранешното Источно партнерство кон ЕУ. Во тој збир се косовско-српскиот јазол, уставните измени во Македонија и внатрешните реформи на уставниот поредок во БиХ. Притисокот кон сите овие земји и по сите наведени точки ќе продолжи, а САД ќе го предводи како водечка земја од западниот свет. Покрај овие три прашања, се јави уште еден проблем со грчко-албанскиот судир околу статусот на новоизбраниот градоначалник на Химара. Ќе видиме дали некои од овие прашања ќе се надминат до Самитот – изјави Боцевски.
Според претседателот Пендаровски, илузорно е било кој да очекува одржување на втората меѓувладина конференција која што практично значи отворање на поглавјата со ЕУ и почеток на преговорите за членство бидејќи условот, отворање на Уставот не е исполнет.
– Исходот од декемврискиот Самит на ЕУ е јасен, со оглед на тоа што предусловот го имаме во европската преговарачка рамка и очигледно не можеме да го исполниме. Тоа јас го зборувам една и пол година. Во меѓувреме, за жал, поради тврдиот став на опозицијата, не се промени ништо во таа насока. Јасно е дека на декемврискиот Самит на ЕУ не може да има позитивна одлука за нас, во смисла да се одредува тајмингот за втората конференција со која би требало да продолжиме со преговорите. Да видиме какви ќе бидат одлуките на ЕУ во декември за останатите држави од западен Балкан, меѓутоа за Македонија нема што да очекувам. Овој месец завршува скринингот, а тоа беше главниот предуслов да продолжиме – изјави Пендаровски.
За разлика од претседателот Пендаровски, шефот на дипломатијата Бујар Османи смета дека во преостанатите денови има некаква шанса да се помрдне работата од мртва точка и тој повторно вината ја лоцираше исклучиво кај опозицијата.
– Јас нема да престанам да работам до последниот момент, бидејќи немаме алтернатива. Почетокот на преговорите е најтешкиот процес во кој политичар може да влезе. Историјата ќе ги казни тие луѓе што ја пропуштаат и ја коцкаат оваа историска шанса пред којашто се наоѓаме. Ние ќе се бориме до крај за да направиме исчекор. Не можам сега да кажам дека тој процес нема да успее. Еден и пол месец во политиката е долг период во кој може да се направат големи работи. На крај со име и презиме ќе ги посочиме тие што ја прокоцкаа оваа историска шанса и ќе бидат причина за сите последици кон државата – изјави Османи.
Меѓутоа, оптимизмот на министерот не е во склад со календарот, односно со законските процедури за уставни измени, според кои, доколку денеска Собранието го отвори Уставот, процедурата налага да помине еден месец пред текстот на предложените амандмани да се најде пред пратениците, за да продолжи собраниската процедура, по што би поминало уште два-три месеци до нивно усвојување.
Европскиот совет на кој треба да се донесе одлуката дали Македонија и Албанија ги исполниле условите и обврските за преминување во втората фаза од преговорите е закажан за 14 и 15 декември.