Непостоењето интегриран систем на размена на податоци за имотот и неговите сопственици меѓу општините и Агенцијата за катастар на недвижнини, како и традиционалниот систем на доброволно пријавување на данокот на имот и ниската даночна стапка се главната причина поради која општините и Град Скопје имаат слаба наплата на данокот на имот.
Податоците на Градот Скопје покажуваат дека само 25% од сопствениците на имот во Скопје плаќаат данок на имот. Дури 75% од имотите во главниот град не се пријавени. Не е подобра ниту состојбата во останатите локални самоуправи во земјава. Одделни општини воопшто и не наплаќаат ваков данок.
Од Градот и од општините велат дека немаат целосни податоци за имотите и за сопствениците на имоти на нивните територии, а причина за тоа се пропусти при преносот на ингеренциите од централната кон локалната власт во однос на даноците. Сега овие податоци ги добиваат од Агенцијата за катастар за што треба да платат надоместок за услугата кој зависно од бројот на сопственици на имоти прави баснословни суми кои општините треба да ги обезбедат од сопствените буџети.
Општините бараат и нивните даночни одделенија да се вклучат во интегрираниот систем на државните органи и Агенцијата за катастар од каде што ќе можат да ги земаат бесплатно податоците за сопствениците на имот на дневна основа за да можат да им подготват и даночни пријави. Бесплатен пристап до овие податоци имаат Управата за јавни приходи, Финансовата полиција, МВР и Министерството за финансии, но не и општините кои издаваат решенија за данок и за кои тоа е еден од основните приходи. Тоа се должи на тоа што земјава не е децентрализирана.
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска вчера рече дека Градот сега треба да издвои повеќе од 2 милиони евра за да ги добие податоците за сопствениците на имот за да може да им издаде решенија за данок. Толку им побарале од Агенцијата за катастар за да им ги дадат податоците.
Пресметките за Куманово, пак, се половина милион евра, а слични суми треба да платат и другите општини ако сакаат да ги имаат податоците за сите граѓани кои поседуваат имот и да инкасираат данок во општинските каси.
– Општините не се поврзани со софтверскиот систем и за да добијат податоци за имотот и за сопствениците на тој имот треба секоја година да бараат податоци од одделенијата на Агенцијата за катастар, а оваа услуга им се наплаќа. Замислете, некои државни институции УЈП, МВР, Финансова полиција овие услуги ги добиваат бесплатно, а на општините како да не се државни им се наплаќа оваа услуга. Еве на пример за општина Куманово тоа би изнесувало најмалку половина милион евра за да се добијат податоци за 50.000 носители на имот. Тоа е голема сума на пари која треба да ја издвои општината. Слични се сумите и за другите општини, зависно од нивната големина. Наместо да инвестираме во улици и во други објекти треба да дадеме пари за нешто што може како и другите институции да го добиеме бесплатно – вели градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски.
Според него, проблемот е во тоа што некој не сака да ги даде податоците на општините.
– И општините работат според законот за лични податоци и секој вработен во даночните одделенија потпишува изјава за тоа и е свесен за последиците ако работи спротивно на законот. Овие одделенија поседуваат лични податоци какви што катастарот не сака да им ги даде. Затоа не држи повикувањето на овој закон од страна на Катастарот – појаснува Димитриевски.
Тој додава дека проблемот е создаден со добивањето на ингеренциите на општините во делот на данокот на имот. Тогаш не бил направен целосен пренос на податоците што сега им создава проблеми, па голем број сопственици на имот не се во општинските системи за данокот на имот и не плаќаат данок.
– Потребна е сериозна реформа во делот на даноците за да може тие нормално да се собираат – вели Димитриевски.
Од Агенцијата за Катастар велат дека оваа услуга за општините се наплаќа и дека за тоа веќе е информирана Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) која побарала податоци.
– Согласно одредбите од Законот за катастар на недвижности и Правилникот за начинот на користење, дистрибуција, пристап, издавање, чување и заштита на податоците од геодетско катастарскиот информациски систем (ГКИС), за користење и увид на податоците од ГКИС се плаќа надоместок. За редовно усогласување на состојбата на регистарот на недвижен имот кој подлежи на оданочување, а кој го водат општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, Агенцијата за катастар на недвижности врз основа на доставено барање и соодветно платен надоместок за издавање податоци од ГКИС, согласно законските одредби, ќе ги достави податоците за недвижностите кои се запишани во катастарот на недвижности, но според Законот за заштита на лични податоци не може да издава списоци во кои е содржан ЕМБС и ЕМБГ – велат од Катастарот.
Оттаму додаваат дека Агенцијата за катастар на недвижности, минатата година за потребите на ЗЕЛС ги намалила цените за 60%, за да се олесни наплатата на ДДВ.
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека е добро што конечно општините се заинтересирале за данокот на имот зашто од овој данок поради ниската стапка сега немаат големи приходи.
– Општините и Градот досега не беа многу заинтересирани за наплата на овој данок бидејќи стапката е ниска, како и приходите во буџетите, а администрирањето е голомазно бидејќи редовно треба да се ажурираат податоците и да се води постапката за опомена или тужење на оние што не плаќаат. Но, добро е што веќе размислуваат за собирање на данокот бидејќи и свеста за плаќање на даноци кај нас е променета – вели Хајредини.
Според него, проблемот на незаинтересираност на општините за наплата на овој данок се провлекува со години, а една од причините покрај ниската даночна стапка од 0,10 % е и неводењето евиденција на обврзниците.
– Но, факт е дека општините немаат доволен административен капацитет и не ја бркаат наплатата на овој данок – вели тој.
Во земјава главно се применува систем на доброволно пријавување на данокот на имот. Според Законот за данок на имот, даночен обврзник е правно и физичко лице сопственик на имотот. Во случај кога сопственикот не е познат или не е достапен, обврзник на данокот на имот е правно и физичко лице корисник на имотот. Обврзник на данокот на имот може да биде и плодоуживателот, а ако имотот е во сопственост на повеќе лица, секој од нив е обврзник на данокот на имот сразмерно на сопственичкиот дел. Обврзник на данокот на имот е и правно и физичко лице-корисник на недвижен имот во сопственост на државата и општината.
Данок на имот се плаќа на недвижен имот, освен за оној имот кој е ослободен од плаќање на данок. Данокот на имот се плаќа тримесечно и пристигнува за наплата во средината на секое тримесечје или во рок од 15 дена од денот од доставувањето на решението.
Даночната стапка за данокот на имот во РСМ се движи пропорционално од 0,10% до 0,20% на пазарната вредност на имотот. Висината на стапките со одлука ја утврдува советот на општината, советот на општините во градот Скопје и Советот на градот Скопје согласно Законот за градот Скопје. Најголем дел од општините ја применуваат најниската стапка на оданочување.
Обврзникот на данокот на имот е должен да поднесе даночна пријава до 31 јануари во годината за која се врши утврдување на данокот. Граѓаните кои веќе поднеле даночна пријава не поднесуваат даночна пријава секоја година, доколку немаат промени на податоците содржани во претходно поднесената даночна пријава, а кои се од влијание за висината на даночната обврска.
Казните за непријавување данок на имот според законот изнесуваат од 200 до 350 евра, а за правните лица глобата е од 2.500 евра.
Во земјава, според последниот попис има 598.632 домаќинства и 839.174 станови.
Десетте градски скопски општини заедно прибираат просечно годишно по 10 милиони евра. Ова значи дека половина од вкупниот данок на имот во земјава се прибира во Скопје. Скопските општини ги делат приходите од данокот на имот со Градот Скопје, согласно донесените одлуки за утврдување на стапките на даноците на имот.