Само 22 минути брзо одење дневно, истото време одвоено за домашни работи или трчање може да ги неутрализира негативните здравствени последици предизвикани од долгогодишното седење, покажа истражувањето.
Експертите забележале поголема веројатност за прерана смрт кај луѓето кои седат долго време поради работа во канцеларија или пред телевизор, но во исто време откриле дека умерената до интензивна физичка активност (MVPA) го елиминира овој ризик.
Примери за умерена активност се многу брзо одење (6,5 km/h или побрзо), интензивно чистење како миење прозорци, возење велосипед со брзина од 16-19 km/h или играње бадминтон.
Интензивната активност вклучува и планинарење, трчање со брзина од 9,5 km/h или поголема, работа во градината со лопата, брзо возење велосипед, играње фудбал, кошарка или тенис.
Како дел од новата студија, објавена во онлајн верзијата на British Journal of Sports Medicine, експертите анализираа податоци собрани од 11.989 луѓе од Норвешка, Шведска и САД, на возраст над 50 години, од кои половината се жени.
Сите носеа тракери за активност што ја мереше нивната MPVA.
Се покажа дека 5.943 учесници во истражувањето поминувале нешто помалку од 10,5 часа седејќи секој ден, додека 6.042 од нив поминале околу 10,5 или повеќе часа седејќи.
За време на петгодишното следење на испитаниците починале 6,7 отсто или 805 лица.
Истражувањата покажаа дека МПВА 22 минути секој ден ги неутрализира негативните последици од седентарен начин на живот и го елиминира ризикот од прерана смрт поради продолжено седење.
Авторот на истражувањето, Едвард Сагелв, од норвешкиот Арктички универзитет, вели дека научниците „преку студијата откриле дека поголем ризик од прерана смрт е забележан само кај таа група луѓе кои седат повеќе од 12 часа на ден. Мислиме на секаков вид на седење, од седење на канцелариско биро до долго гледање телевизија“.
„Студијата покажа дека секоја минута умерена до интензивна физичка активност го намалува ризикот од прерана смрт. Ова значи дека овој ризик бил помал и кај испитаниците кои вежбале помалку од 22 минути дневно, на пример 10 минути. И тоа беше корисно“, рече Сагелв.
„Но, умерената до интензивна физичка активност која траеше 22 минути го елиминираше поголемиот ризик од прерана смрт поради седентарен начин на живот. Така, ако вежбате 22 или повеќе минути дневно, го неутрализирате времето што сте го поминале долго седејќи. Секако, колку повеќе вежбате, толку подобро и покорисно за вашето здравје“.
„Напорите за промовирање на физичката активност имаат значителни здравствени придобивки за поединецот, а пократките периоди на умерена до енергична физичка активност се ефикасна стратегија за намалување на ризикот од прерана смрт поврзана со продолженото седење“, заклучија Сагелв и неговите колеги.
Регина Гиблин, виша медицинска сестра за кардиологија и член на Британската фондација за срце, вели дека „ова истражување ги поддржува резултатите од претходните студии кои покажаа негативен ефект од продолженото седење и позитивен ефект од секое вежбање.
„Веќе знаеме дека седентарен начин на живот го зголемува ризикот од развој на болести на срцето и циркулаторниот систем.
Таа предложи едноставни мерки кои можат да ви помогнат да поминувате помалку време во седење.
„Станувањето и оддалечувањето од компјутерот во редовни интервали, одењето на прошетка или паузата за да подготвите здрав оброк се начини да бидете активни во текот на денот. Ваквите едноставни активности можат да ви помогнат да управувате со вашата тежина, да го намалите крвниот притисок и да го подобрите вашето ментално здравје“.