Владата не кажува дека автопатското решение Гостивар – Букојчани не го поврзува Кичево, односно дека остануваат уште 16 километри кои нема да бидат изградени. Ова автопатско решение е дел од коридорот 8 кој ќе завршува, најверојатно, само до Зајас, изјави денеска генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, при средбите со граѓани во Општина Маврово и Ростуше каде што ги посети населените места Маврови Анови и Врбен.
-Граѓаните се загрижени и за проектите кои што владата ги најавува, односно автопатите од коридорот 8 и коридорот 10, за средствата кои ќе бидат потрошени милијарда и 300 милиони, кои што неотчетно оваа влада ќе ги троши. Сакам да ѝ порачам на владата дека манипулира со граѓаните со овој проект, бидејќи кажува дека ќе се направи автопатско решение со кое ќе се затвори коридорот 8. Меѓутоа, од она што го презентираа и кажаа дека ќе прават автопатско решение Гостивар – Букојчани, не го поврзуваат Кичево или остануваат уште 16 километри кои нема да бидат поврзани. Ова автопатско решение е автопатско решение од коридорот 8 кој ќе завршува, најверојатно, само до Зајас – истакна Сајкоски.
Тој истакна дека од денешните средби со граѓаните може да констатира дека во овој македонски туристички центар изминатите шест години, ниту локалната, ниту централната власт нема ништо инвестирано и дека единствено што е направено од градоначалникот е урбанистичкиот хаос.