САД синоќа објавија нов пакет воена помош за Украина вреден 400 милиони долари. Во новиот пакет се вклучени и ракети со дострел до 300 километри, што е двапати повеќе во споредба со истиот тип оружје снабдено во октомври.
– Новиот значаен пакет оружје и воена техника треба да го поддржи храбриот украински народ за заштита на својата земја од руската агресија. Соединетите Држави и коалицијата продолжуваат да стојат на страната на Украина за заштита на нејзината слобода – соопшти државниот секретар Ентони Блинкен.
Ова е веќе трета транша помош за Украина од 24 април кога претседателот на САД Џо Бајден го потпиша законот за доделување воена помош за Украина во износ од 61 милијарда долари.
Истиот ден Пентагон соопшти дека ќе испрати пакет воена помош од една милијарда долари во кој меѓуругото се вклучени ракетните артилериски системи HIMARS, оклопните транспортери Bradley, високопрецизни ракети за авијација и друго оружје.