Соединетите Американски Држави распоредија ударни и извидувачки беспилотни летала MQ-9 во воздухопловната база Лариса лоцирана во источна Грција по модернизацијата на овој воен објект, објавија Дифенс њуз.
„Воздухопловната база Лариса се наоѓа на стратешка точка, лесно дозволувајќи им на MQ-9 да пружат поддршка на источното и на јужното крила на НАТО. Распоредувањето на дроновите токму таму не е одговор на руската инвазија на Украина, но ова распоредување има ефект на одвраќање и помага да се избегне конфликт со Русија“, изјавил за магазинот портпаролот на штабот на воздухопловните сили на САД во Европа и Африка.
Официјалните лица не го наведоа бројот на MQ-9 во базата, меѓутоа, според локалните медиуми, станува збор за осум летала.
Распоредувањето на беспилотните летала беше овозможено со измените на американско-грчкиот договор за меѓусебна одбранбена соработка од 1990 година. Ажуриран во 2021 година, договорот им дозволува на САД да ги користат базите Лариса и Стефановикио во Грција за различни цели, вклучително и за поморска патрола и помош за воздушно извидување, воздушен транспорт и полнење гориво.