Рускиот претседател Владимир Путин денеска му се извини на Илхам Алиев, претседателот на Азербејџан, за, како што рече Кремљ, „трагичен инцидент“ во рускиот воздушен простор со авион на Азербејџан ерлајнс кој се урна во Казахстан на 25 декември.
Кремљ соопшти дека додека леталото се обидело да слета во Грозни, украинските беспилотни летала ја нападнале Русија, а руските сили за воздушна одбрана ги одбиле нападите.
– За тоа време Грозни, (градот) Моздок и Владикавказ беа нападнати од украинско борбено беспилотно летало, а руската противвоздушна одбрана ги одби овие напади – му рекол Путин на Алиев, без да наведе дека руската противвоздушна одбрана го погодила авионот, известува Гардијан.
Во соопштението на Кремљ се вели: „(Претседателот) Владимир Путин се извини за трагичниот инцидент што се случи во рускиот воздушен простор и уште еднаш изрази длабоко и искрено сочувство до семејствата на жртвите и на повредените им посака брзо закрепнување. Во разговорот, беше забележано дека азербејџанскиот патнички авион, кој оперирал според неговиот распоред, постојано се обидувал да слета на аеродромот во Грозни. Во тоа време, украински беспилотни летала го нападнале Грозни, Моздок и Владикавказ, а руските системи за воздушна одбрана ги одбија овие напади“.
Алиев му рекол на Путин дека патничкиот авион бил изложен на надворешно физичко и техничко мешање во рускиот воздушен простор, дека целосно изгубил контрола и бил пренасочен кон Актау, додава Ројтерс.
Да потсетиме, откако беа објавени фотографиите и видеата од урнатиот авион, на кои се гледаат шрапнели, многумина се посомневаа дека руски проектили го собориле авионот. Претходно, Росавија го наведе „јато птици“ како причина за авионската несреќа.
Инаку, најмалку 38 лица загинаа, а 29 преживеаја откако авионот „Ембраер 190“ се урна во средата при принудно слетување во близина на Актау, Казахстан, за време на лет од Баку до градот Грозни во Чеченија.