Видео на кое наводно се гледа рускиот претседател Владимир Путин како се среќава со граѓани и поддржувачи во градот Дербент во руската република Дагестан брзо се прошири на интернет. На снимката Путин освен што се ракува и се фотографира со луѓето бакнува во чело една госпоѓа.
Аналитичарите и голем број западни лидери рекоа дека Путин е ослабен со бунтот од минатиот викенд во Русија и веројатно сака да покаже дека е сè уште популарен кај својот народ.
Сепак, не се сите толку сигурни дека Путин е тој што невнимателно влета во толпата и ги гушкаше луѓето. Некои твитерџии сметаат дека рускиот лидер никогаш не би ризикувал близок контакт со луѓе, или од страв од напад, или од страв од вирус. Да се потсетиме на неговата целосна изолација за време на пандемијата на ковид-19.
Затоа, се шпекулира дека меѓу народот наводно имало и двојник на Путин , еден од неколкуте кои според непотврдени гласини ги користи рускиот претседател. Инаку, Путин освен дружење со граѓаните ја посети и тврдината Нарин-Кала во Дербент.