Рускиот патријарх г.г. Кирил упати писмо со сочувство до македонскиот архиепископ г.г. Стефан по повод упокојувањето на митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј.
Во продолжение писмото го пренесуваме во целост:
До Неговото Блаженство,
Блаженејшиот Стефан,
Архиепископ Охридски и Македонски, Митрополит Скопски
Во името на епископатот, свештенството и верните чеда на Руската Православна Црква, како и во мое лично име, упатувам длабоко сочувство до Вашето Блаженство и членовите на Светиот Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија по повод упокојувањето на еден од најстарите нејзини архијереи – митрополитот Дебарско-Кичевски Тимотеј.
Владиката беше човек со длабока вера, кој својот живот го посвети на работа за доброто на Македонското Православие. Имав чест лично да го познавам покојниот и неколкупати да се сретнам со него. Веста за неговото упокојување ја примив со болка во своето срце.
Господ Исус Христос, Воскресението и Животот (Јован 11, 25), нека ја упокои душата на новопреставениот архипастир во блажените населби на праведните, каде што нема болка, ни тага, ни воздивнување. Вечен и благ спомен“, наведено е во писмото.