Амбасадорот на Москва во Лондон денеска изјави дека Британија „сега директно е вклучена“ во руската војна со Украина, по извештаите дека Киев првпат истрелал британски проектили „Сторм шедоу“ врз руска територија.
– Апсолутно, Британија… сега е директно вклучена во оваа војна – изјави Андреј Келин за Скај њуз, додавајќи дека „ова пукање не може да се случи“ без поддршка на Лондон и НАТО.
Во интервјуто, Келин беше запрашан дали руската употреба на кинеска технологија, ирански беспилотни летала и ракети и наводното распоредување на севернокорејски војници значат дека и тие земји биле директно вклучени во војната.
– На таа тема, можам лесно да кажам дека имаме многу платеници од различни земји кои во моментов се борат на страната на Украина – одговори рускиот амбасадор.
Британските медиуми во средата објавија дека Украина истрелала проектили „Сторм шедоу“ врз Русија за првпат оваа недела, откако Лондон и дал зелено светло за такви напади. Владата на Велика Британија одби да ги потврди или негира извештаите.