Руски стратешки бомбардер најверојатно бил соборен од украинските воздухопловни сили, се вели во оценката на британското Министерство за одбрана објавена на платформа Х. Во објавата се истакнува дека ова е „прв пример на стратешки бомбардер соборен од украински системи за противвоздушна одбрана“.
„Многу е веројатно дека Русија до сега претрпе загуба на најмалку 100 борбени авиони“ – соопшти британското министерство за одбрана.
Руските воздухопловни сили денеска загубија еден од своите суперсонични бомбардери Туполев Ту-22М3.
Додека руското Министерство за одбрана објави дека авионот паднал најверојатно поради технички проблеми, Украина тврди дека е соборен. Командантот на украинските воздухопловни сили Микола Олешук изјави дека ова е прв пат таков авион успешно да биде соборен со проектил.