Два ловци „Тајфун“ на Велика Британија и на Германија пресретнале руски авион во близина на воздушниот простор на Естонија.
Борбените авиони беа подигнати за да го пресретнат „летечкиот танкер“ Ил-78 Мидас, кој леташе меѓу Санкт Петербург и Калининград. Споменатиот авион не воспоставил контакт со контролата на летање во Естонија, пишува Би-Би-Си Њуз.
Британските и германските воздушни сили во моментов вршат планирани заеднички патроли во регионот во рамките на НАТО.
Самото пресретнување на рускиот авион било рутинско, но претставува прва заедничка операција од ваков тип за споменатите земји.
Откако го „испратиле“ Мидас, двата авиони биле пренасочени за да го пресретнат авионот Ан-148, кој исто така минувал блиску до воздушниот простор на Естонија.
Инцидентот се случи во време на зголемени тензии меѓу НАТО и Русија поради руската инвазија на Украина, како и судирот на руски борбен авион и американски беспилотно летало над Црното Море.