Имаше инцидент во Балтичкото Море кога руски брод испука сигнална муниција додека хеликоптер на Бундесверот беше на небото. Германската новинска агенција во Брисел дознала дека екипажот на рускиот брод отворил оган додека хеликоптерот бил на пат за извидување.
Германската мнистерка за надворешни работи Аналена Бербок го спомена инцидентот на маргините на состанокот на НАТО, но не даде детали. Според германскиот таблоид „Билд“, хеликоптерот бил на небото поради зголемените контроли во Балтичкото Море.
На состанокот на НАТО, Бербок најави дека ќе го засили мониторингот на цевководите и каблите за пренос на податоци во Балтичкото Море. Причината за тоа е зголемувањето на хибридните напади од страна на Русија и нејзините поддржувачи.
Во ноември два оптички кабли беа оштетени во Балтичкото Море. Еден од овие кабли поминува меѓу Шведска и Литванија, а другиот меѓу Финска и Германија. Шведските власти истражуваат можна саботажа.
Фокусот е на кинескиот брод наречен „Џи Пенг 3“, за кој се вели дека во тој момент минувал низ погодените области.
По оштетувањето на комуникациските кабли, полскиот премиер Доналд Туск предложи заеднички надзор на морето од морнариците на западните земји.
Покрај Русија, обвинети се и Кина, Северна Кореја и Иран дека сакаат да ја ослабат Европа со хибридни напади.