Авион на руски „Азур ер“ со 244 лица мораше принудно да слета во воена воздухопловна база во Индија поради закана за бомба, соопштија властите во вторникот.Авионот, на лет од Москва до Гоа во југозападна Индија, со 236 патници и осум членови на екипажот, слета во понеделникот доцна навечер во базата на индиските воздухопловни сили во Јамнагар, во државата Гуџарат.
Според локалните медиуми, летот бил пренасочен откако Azur Air добил е-пошта во која се вели дека има бомба во авионот.
„Сите луѓе во авионот се безбедни. Властите вршат темелна проверка на авионот“, објави руската амбасада на Твитер во вторникот наутро.
Државната полиција за AFP изјави дека антитерористичка единица го проверувала авионот и багажот на оние што биле во него додека патниците чекале на аеродромот.
„Досега не е пронајдено ништо сомнително“, рече во вторникот Премсук Делу, полициски службеник од Јамнагар.
Руските туристи се забранети од многу земји по руската инвазија на Украина, но тие продолжуваат да се собираат во Индија во голем број.