Руската забрана за извоз на пченица – ќе го поскапе лебот и кај нас

Lorita
By Lorita 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Иако земјава не увезува пченица од Русија, зголемувањето на берзанските цени на оваа житарка, како последица на целосното запирање на рускиот извоз од годинашната реколта, ќе значи повисоки цени за количините кои земјава годишно ги увезува, но и можно зголемување на цените на брашното и лебот, велат мелничарите.

Поради високите трошоци и состојбите на пазарот на земјоделски производи земјоделците очекуваат зголемување на откупната цена на пченицата од годинашната реколта. Земјава годишно увезува околу 100.000 тони пченица, по берзанска цена и околу 50.000 тони брашно.

Зголемена понуда и од други производители 

– Секако, една таква одлука на Русија ќе значи зголемување на берзанските цени на пченицата. Но мислам дека нема да има драстична осцилација на цените, бидејќи последните месеци лани беше достигнат врв на цената на пченицата. И да се запре целиот руски извоз на оваа култура, сепак оваа цена нема да ја надмине декемвриската, бидејќи има големо производство од другите региони. На зголемување на цената на пченицата од новата реколта може да влијаат и некои неочекувани случувања. Тоа може да бидат климатски промени до жетвата, но и политички промени, па затоа со сигурност не можеме да кажеме што ќе се случува до јули – вели Горан Малишиќ, претседател на Здружението на мелничко-пекарската индустрија на Стопанската комора.

Какви ќе бидат цените на производите од пченица, додава тој, ќе зависи од цената на суровината по завршување на жетвата, но и од низа други фактори кои тешко можат да се предвидат.

– До март не очекуваме драстичен скок на цените на суровините, па цените на производите ќе се задржат на ниво на сегашните кои постепено почнаа да се намалуваат откако владата обезбеди поевтина струја за компаниите, а цената на пченицата почна да се намалува. Рано е да се каже што ќе се случува по жетвата, бидејќи тоа зависи од повеќе фактори. Сепак, ако има голем пораст на цената на суровините, тоа би предизвикало и за раст на цените на готовиот производ – вели Малишиќ.

Мора да се зголемува домашното производство

Очекувањата на земјоделците се дека со новата реколта ќе добијат и повисока откупна цена на пченицата бидејќи и трошоците за одгледувањето на оваа култура лани се зголемија. Само ѓубривата лани поскапеа за 58 отсто, а поскапеа и горивата и семенскиот материјал. Тие забележуваат дека нашата пченица ни од далеку не ги следи берзанските цени кои се актуелни во текот на откупот и потоа.

– Секоја држава, ако има правилен пристап, поучена од ваквите непредвидливи состојби и климатските промени, треба самата да се погрижи да произведе земјоделски производи кои ќе ги задоволат потребите на населението. Тоа треба да го направи и нашата држава, со подготовка и спроведување на стратегија која ќе има друг пристап кон земјоделството. Тоа се покажа како потребно во актуелната криза. Ако растат берзанските цени како резултат на запирање на рускиот извоз, но и како резултат на високите трошоци во земјоделието, ќе треба да се зголемат и откупните цени на пченицата. Но, кај нас тоа многу тешко оди. На пример, лани поради високите трошоци производната цена на пченицата беше 30 денари по килограм, но откупната цена беше 18 до 20 денари, зависно од квалитетот. Годинава во одделни региони има појава на инсекти-штетници и ако не се дејствува навреме ќе биде намален и очекуваниот принос на пченицата, што ќе створи потреба за поголем увоз. Сето тоа говори дека навременото реагирање и на владата може да ја подобри состојбата, или обратно, трајно да се намали производството на одредени култури – вели Ристо Велков од синдикатот на земјоделци од Струмица.

- Advertisement -
Ad image

Лани беа произведени повеќе од 255.000 тони пченица со кои се задоволуваат дел од потребите на земјава. Владата се фокусираше на тоа да го зголеми производството за да го намали увозот на оваа култура. Лани покрај Националниот формира и интервентен фонд за поддршка на земјоделците од кој дополнително се финансираше таканаречената зелена нафта, набавката на вештачки ѓубрива и семенски материјал. Овие мерки беа продолжени и за време на есенската сеидба.

Share This Article