Руската армија трет ден по ред врши воздушни напади со дронови и крстосувачки ракети врз главниот град на Украина, Киев, само неколку часа по завршувањето на Самитот на НАТО во Вилнус, Литванија.
Виталиј Кличко, градоначалник на Киев, изјави дека во синоќешните напади загинало едно лице, а неговото тело било пронајдено под урнатините на станбена зграда во областа Подолиски, додека одговорни лица гаснеле пожар во киевскиот кварт Подил. Во градот на неколку места е пријавена штета, а во областа Дарница се пронајдени две повредени лица и тие биле хоспитализирани.
Украинската армија објави дека нивниот противвоздушен систем успеал да пресретне дваесетина дронови од иранско производство.
– Успешно изведовме операција за противвоздушна одбрана. Дваесет беспилотни летала „Шахед“ беа уништени, сите што летаа беа соборени. Уништени се и две крстосувачки ракети „Калибр“ – изјави портпаролот на воздухопловните сили Јуриј Игнат.