Остатоци од руската ракета соборена од украинските сили паднале врз село во Молдавија на границата со Украина, соопштија молдавските власти, наведувајќи дека има материјална штета, но нема жртви.
-„Ракетата што беше соборена од украинската воздушна одбрана падна на крајниот север на градот Наславца во Република Молдавија, во близина на границата со Украина. Засега не е пријавена ниту една жртва, но искршени се стакла на неколку куќи“, соопшти молдавското МВР.
Украинските власти соопштија претходно денеска дека утринава биле извршени голем број руски ракетни напади врз важни инфраструктурни објекти во Киев, Харков и други украински градови. Како резултат на нападот, дел од главниот град Киев остана без струја и вода, соопштија властите.
Украинските воздухопловни сили известија дека Русија утринава лансирала повеќе од 50 крстосувачки ракети во нов напад врз енергетската инфраструктура на Украина.