Украинскиот нуклеарен оператор Енергоатом денеска ја обвини Русија за повторно бомбардирање на локацијата на нуклеарната централа Запорожје, најголема во Европа.
– Во текот на ноќта руските терористи повторно ја бомбардираа нуклеарната централа во Запорожје – соопшти „Енергоатом“ на Телеграм.
Во бомбардирањето бил оштетен далновод што предизвикало застој на неколку трансформатори на реакторот број шест и краткотрајно стартување на единицата за итни случаи, соопшти Енергоатом.
– Дури и присуството на инспектори од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) не ги спречува Русите – се вели во соопштението.
„Енергоатом“ апелираше до МААЕ да преземе „порешителна акција“ против Москва.