Руските сили имаат целосна контрола врз градот Вуледар во областа Доњецк во источна Украина, објави утринава каналот Шот на комуникациската платформа Телеграм и проруските воени блогери.
Руското Министерство за одбрана сè уште не го потврди заземањето на градот.
Градот е наречен „тврдина“ поради тоа што Русите две ипол години се обидуваат да го освојат.
На снимките од руските сили кои го веат свое знаме на покривот на административната зграда во центарот на градот денеска може да се види зграда со скршени прозорци делумно претворена во урнатини.
Пред војната, Вуледар имал околу 14.000 жители, а доколку градот падне во рацете на Русија, тоа ќе биде најзначајната победа на агресорите од заземањето на Авдеевка во февруари оваа година.
Градот е клучен чекор за Москва во битката за целосна превласт врз регионот Доњецк. Стотици украински војници се опколени од Русите, пишува „Дејли Телграф“.