Снабдувањето на Киев со борбени авиони од страна на Велика Британија ќе доведе до воено-политички последици за европскиот континент и за целиот свет, се вели во коментарот на руската амбасада во Лондон, а пренесува РИА Новости.
– Сакам да го потсетам официјален Лондон, во вакво сценарио, на нивната совест е „крвавата жетва“ од следната рунда на ескалација, како и воено-политичките последици што произлегуваат од тоа за европскиот континент и за целиот свет – велат од руската амбасада.
За потсетување, британскиот премиер Риши Сунак побара од министерот за одбрана Бен Валас да истражи кои борбени авиони Велика Британија потенцијално може да и ги испорача на Украина, објави Даунинг стрит.
– Премиерот го задолжи министерот за одбрана да истражи кои авиони можеме да ги обезбедиме, но за да бидеме јасни, ова е долгорочно решение, а краткорочните капацитети сега се најважни за Украина – објасни портпаролот на Сунак.
Портпаролот нагласи дека не е донесена конечна одлука за испраќање британски авиони во Украина, но истакна дека Валас „активно“ го разгледува ова прашање.
– Она што сѐ уште не сме го решиле е дали ќе испратиме британски борбени авиони. Очигледно постои дискусија меѓу другите земји за нивните борбени авиони, од кои некои се повеќе слични на она на што се навикнати украинските пилоти – додаде тој, според Гардијан.
Риши Сунак вчера изјави дека „ништо не е исклучено“ кога станува збор за обезбедување воена помош за Украина. Тој потсетува дека Велика Британија, по САД, беше најголемиот поединечен донатор на воена опрема на Украина во минатата година и првата членка на Г-7 што најави борбени тенкови на Украина. Тој вели дека верува оти неговата земја ги водела „меѓународните разговори“ што доведоа до тоа други земји да доставуваат тенкови за Украина.
Сунак потврди дека борбените авиони биле тема на разговор со Володимир Зеленски. Тој нагласува дека одлуката за обука на украинските воздухопловни сили на авиони според НАТО стандардите е „првиот чекор во можноста за обезбедување напредни авиони“.
– Тоа е процес. Потребно е некое време. Денеска го започнавме тој процес. Тоа е затоа што сакаме да го поддржиме претседателот и неговата земја во постигнувањето на победата. Ништо не е надвор од масата – додаде тој.
ФОТО: МИА