Во текот на ноќта Русија со беспилотни летала нападна четири украински региони, а Украина изутрината одговори со напад на Крим. Според првичните информации, нема жртви или поголеми штети на инфраструктурата.
Ноќе, Украина повторно беше цел на руски напади со беспилотни летала Шахед од иранско производство. Тие беа насочени кон четири украински региони, а повеќето од нив беа соборени од воздушната одбрана.
Украинските сили тврдат дека во текот на ноќта собориле вкупно 17 од 22 руски беспилотни летала. Се вели дека нападите траеле пет и пол часа и биле извршени од три различни локации. Беспилотните летала биле насочени кон регионите на Миколаев, Запорожје, Суми и Дњепропетровск.
Во меѓувреме, денеска, според руските власти, Киев извршил нов напад на украинскиот полуостров Крим, кој Русија незаконски го анектираше во 2014 година.
Руската противвоздушна одбрана собори 11 украински беспилотни летала над полуостровот, соопшти руското Министерство за одбрана, додавајќи дека нивните сили уништиле и пет глисери без екипаж, кои наводно се обидувале да го нападнат бродот на руската морнарица Сергеј Котов во Црното Море. Исто така, се вели дека руската воздушна одбрана соборила неколку украински беспилотни летала над регионите Брјанск и Белгород во текот на ноќта.
Двете земји засега не пријавиле жртви или оштетувања на инфраструктурата. Според извештаите на локалните медиуми, веднаш по нападите одекнале силни експлозии во близина на градот Евпаторија на Крим.
Во последните месеци се зголеми бројот на напади со украински беспилотни летала на руска територија. Киев официјално не презема одговорност за нив. Русија, од друга страна, ги отфрла обвинувањата дека цели на цивилната инфраструктура во Украина и инсистира дека нејзини цели се секогаш воени објекти.