Русија настојува да набави оружје од Северна Кореја во замена за помош во храна, тврди Белата куќа врз основа на свои разузнавачки информации.
Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност, Џон Кирби изјави дека Вашингтон е загрижен дека Пјонгјанг ќе ги поддржи воените операции на Русија против Украина.
Кирби изјави и дека Русија сака да испрати делегација во Северна Кореја за да понуди храна во замена за оружје и муниција.
САД вчера соопштија дека вовеле санкции против државјанин на Словачка поради обид да договори продажба на десетици видови севернокорејско оружје и муниција на Русија, која сака да ја надокнади воената опрема изгубена во војната со Украина.
Американскиот министер за финансии Џенет Јелен изјави дека Русија, која изгубила повеќе од 9.000 парчиња тешка воена опрема од почетокот на војната, поради мултилатералните санкции се свртува кон добавувачи како што се Иран и Северна Кореја.