Русија им нареди на луѓето да напуштат 18 населби во регионот на Запорожје, вклучувајќи го и Енергодар во близина на електраната, пред очекуваната контраофанзива од Украина.
„Русија нареди принудна евакуација на населението во привремено окупираниот Токмак, во областа Запорожје“, напиша на Твитер Антон Герашченко, советник на украинскиот министер за внатрешни работи и објави видео снимка од евакуацијата.
„Ова е општа евакуација. Спакувајте се и заминете“, се слуша глас на војник на снимката. Жената му одговара: „Не излегувам од дома“, на што војникот повторно вели дека мора да ја напушти куќата и да му ја отвори вратата.
Украинскиот градоначалник на Мелитопол, Иван Федоров, изјави дека морале да чекаат во ред пет часа бидејќи илјадници автомобили си заминуваат, пренесе Би-би-си.
„Војниците и имателите на специјални пропусници се надвор од редот. Камионите со ограбена стока се во посебна линија. А за илјадници автомобили се чека најмалку 5 часа“, напиша тој на „Телеграм“.
Во меѓувреме, создадени се и редици за гориво, а на возачите во Запорожје им било кажано дека не се планирани нови испораки.
„Гардијан“ наведува дека руските сили преместуваат членови на локалните власти, соработници, деца и наставници од Токмак во Бердјанск, кој исто така е под руска контрола. Весникот наведува дека на родителите им било кажано да не ги запишуваат своите деца во училиштата, се вели во соопштението на украинскиот Генералштаб.
Во неделата Генералштабот соопшти дека цивили се евакуираат во градовите Бердјанск и Приморск.