Руските безбедносни служби ги одземаат пасошите на високи функционери и раководители на државни компании за да спречат патување во странство, бидејќи паранојата поради протекување и пребегнување се шири низ режимот на претседателот Владимир Путин, пишува Фајненшл тајмс.
Бидејќи руската инвазија на Украина сè уште беснее, безбедносните службеници ги заостри барањата за патување во државниот сектор, барајќи предавање на патните документи за некои истакнати личности и поранешни функционери, рекоа неколку луѓе запознаени со ова прашање.
Зголемениот притисок го одразува длабокото сомневање во Кремљ и ФСБ, агенцијата наследничка на КГБ, за лојалноста на руската цивилна елита, од кои многумина приватно се противат на војната во Украина и се мачат поради нејзиното влијание врз квалитетот на нивниот живот.
Дмитриј Песков, портпаролот на Путин, потврди дека Русија ги зајакнала ограничувањата за патување во странство за некои кои работат во „чувствителни“ области.
– За ова има построги правила. Некаде се формализирани, а некаде зависат од конкретна одлука за одредени вработени – изјави тој за Фајненшл тајмс.
Од почетокот на „специјалната воена операција“ се посветува поголемо внимание на ова прашање. Од советско време, руските функционери со пристап до државни тајни од средно ниво мораа да ги остават своите пасоши во посебен оддел во министерствата и компаниите.
Но, руските безбедносни служби ретко ги спроведуваат правилата, велат поранешните функционери и извршни директори. Ова се промени по инвазијата на Крим во 2014 година, кога безбедносните служби почнаа да предупредуваат да не патуваат во земји како што се САД или Велика Британија.
По сеопфатната инвазија на Украина минатата година, ограничувањата се применуваат многу пошироко и во голема мера зависат од каприците на поединечни безбедносни службеници во државните институции.