Русија и Кина ги завршија поморските вежби во Источното Кинеско Море, по еднонеделните заеднички вежби кои вклучуваа вежбање за фаќање непријателска подморница и стрелање со артилерија кон противнички брод, соопшти руското Министерство за одбрана.
Руската пацифичка флота учествуваше во вежбата наречена „Поморска интеракција-2022“ од 21 до 27 декември, а беше спроведена во водите кај Џоушан и Тајџоу во кинеската провинција Жеџијанг, според кинеската официјална новинска агенција Ксинхуа, пренесува Ројтерс.
„Одредите на воени бродови на Пацифичката флота и поморските сили на Народноослободителната армија на Кина ги завршија практичните задачи во рамките на билатералната поморска вежба“, соопшти руското Министерство за одбрана. „Бродовите на двете земји, со поддршка на противподморничката авијација, заеднички ја бараа подморницата на условниот непријател и испукаа голем број млазни полнења во длабочина“, соопшти Министерството.
Министерството објави видео на кое се гледа група руски и кинески воени бродови во Источното Кинеско Море, а руските морнари разговараат на мандарински со нивните кинески колеги.
Некогаш лидер во глобалната комунистичка хиерархија, по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, Русија сега е помал партнер на Кина, која веќе е лидер во некои технологии од 21 век.
Кинескиот лидер Си Џинпинг ќе разговара со претседателот Владимир Путин пред крајот на годината, јави ТАСС.