Проруските власти на полуостровот Крим одржуваат аукции за продажба на претходно национализираниот имот „на украински олигарси кои зазедоа непријателски став кон Русија“, а целиот приход ќе оди за финансирање на војната против Украина.
„Склучени се купопродажни договори во износ од над 815 милиони рубљи (8,51 милиони долари). Предмет на договорот се станбени и комерцијални недвижности“, објави претседателот на Кримскиот парламент Владимир Константинов на Телеграм, пренесува РИА Новости.
Покрај ова, според неговите зборови, објавени се и огласи за продажба на уште четири станбени објекти на јавни наддавања.
Претходно кримскиот парламент донесе одлука за национализирање на имотот на некои Украинци поврзани со властите во Киев кои, како што се наведува, спроведуваат непријателски дејствија против Русија.
Лидерот на Крим Сергеј Аксенов истакна дека сите приходи од продажбата на овој имот ќе бидат наменети „за потребите на учесниците во специјалната воена операција“, како што Русија ја нарекува војната што ја води против Украина.