Русија преку билатерални дипломатски канали ги предупреди Финска и Шведска за последиците од влезот во НАТО, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
– Ги објавивме сите наши предупредувања, и јавно и преку билатерални канали – изјави Захарова за руската телевизија „Русија-24“.
– Тие (Шведска и Финска) знаат за тоа, нема да можат да се преправаат дека се изненадени. Информирани се за сè до што ќе доведе тоа – додава Захарова.
Финскиот парламент денеска ќе расправа за предлогот за влез во НАТО, откако јавната и политичката поддршка на јавноста по прашањето драстично се зголеми поради руската инвазија на Украина.
Русија предупреди дека балтичкиот регион повеќе нема да се смета за зона без нуклеарно оружје доколку Финска и Шведска се приклучат кон Северноатлантската алијанса.
Финската премиерка најави дека земјата „мошне наскоро“ ќе донесе одлука по прашањето.
За членство во НАТО активно се расправа и во Шведска.