Училиштата во цела Србија од утре прекинуваат со работа по денешниот напад врз ученици и вработени во Врачар, во кој загинаа најмалку девет лица. Одлуката ја донел Самостојниот синдикат на просветните работници на Србија, НСПРС, кој бара оставка од министерот за образование на Србија, Бранко Ружиќ бидејќи на вработените во образованието им се заканува опасност по животот и по здравјето.
Синдикатот НСПРС изрази сочувство до семејствата на жртвите, а на повредените им посакува брзо и успешно закрепнување.
Српското Министерство за образование за РТС потврдија дека поради трагедијата нема да има попладневна настава во белградските основни училишта, а ќе работи само дежурен кадар.
Меѓу страотните сведоштва за пукањето се и неколку изјави на родители чии деца биле на часот по историја во училиштето утринава.
– Почна да пука по случаен избор, имаше два шаржери во раката, прво го застрела наставникот по историја, а потоа продолжи понатаму. Уби две наши другарчиња, јас легнав врз нив, за да помисли дека сум мртва. Излезе од училницата, истрелите уште се слушаа. Кога станав го видов мртвиот Драганче – раскажа за Нова ученичка сведок на настанот.
Еден од родителите на преживеаните деца исто така даде изјава за медиумите.
– Сите ние родители сме во шок. Но моето дете неможете да замислите што доживеа. Таа виде човек како паѓа, слушна истрел, почна да бега мислејќи дека ќе биде бркана и застрелана – изјави родителот.
Таткото на девојче кое за време на пукањето истрчало од училницата вели дека таа му рекла дека тоа е нивен соученик, инаку одличен ученик, кој со студен израз на лицето влегол во училницата и пукал.
– Ќерка ми беше во тој клас, беше во училницата каде тоа момче ги испука првите истрели кон учителката, а потоа почна да пука во децата кои беа под клупите, а моето дете истрча надвор – изјави овој татко за Н1, додавајќи дека тогаш имале час по историја.
Едно од ученичките која е во болницата во Тиршова е во животна опасност и сè уште е на операција. Лекарите се борат за нејзиниот живот, соопшти Н1, која наведува дека директорот на Тиршова ќе им се обрати на новинарите откако ќе заврши операцијата.
Две момчиња кои имаат прострелни рани на долните екстремитети се на лекување во Тиршова и се надвор од животна опасност. Станува збор за ученици од седмо одделение.