По минатогодишниот огромен успех и гостувањето во култниот Национален театар за современ танц „Шајо“ во Париз, Франција, македонската балерина и кореограф Рисима Рисимкин продолжува да ги освојува најзначајните светски сцени и да ја презентира Македонија на највисоко уметничко ниво.
Од 24 до 31 август 2023 Рисимкин, со танчерите на Скопје танцовиот театар, ќе гостуваат на сцената на Фестивалот на Шекспир во Верона, Италија, со што повторно ќе се претставници од земјава на еден извонреден и многу значаен фестивал. Фестивалот е формиран во 1948 година и годинава ќе полни 75 години постоење, на неговите сцени се создавала богатата историјата на веронеските летни сезони, во кои се вклопуваат гостувања на долга листа на продукции, актери, режисери, сценографи, музичари, танчери и кореографи. Фестивалот, чија историска и уметничката вредност е огромна, со години претставува централна локација за театарската култура на светско ниво. Рисимкин и Скопје танцовиот театар ќе се дел од Шекспир фринге програмата, која ќе се одржи на крајот на август.
– Многу сум благодарна што мојата работа како уметник е препознаена од уметничкото раководство на фестивалот и секако, возбудена од помислата дека ќе гостуваме во овој извонреден град и фестивал со голема традиција. За мене, женските ликови во драмите на Шекспир, се особено интересна тема и предизвик ми е да истражувам и создавам во тој контекст, врз кој се базира креацијата на претставата „Леди Магбет (Квартетот)“. Темава е актуелна и во контекст на времево во кое живееме и сакам да повлечам паралели помеѓу безвременото творештво на Шекспир и современите аспекти на темите кои тој ги опфаќа – изјави Рисимкин.
Континуираните настапи на Скопје танцовиот театар на светските сцени, кој во изминативе години настапува во Њујорк, Париз, Пекинг, Хаг, Амстердам и други значајни центри на културата, за што добива извонредни критики, е потврда за квалитетот и неопходноста од оваа компанија, која создава и негува млад уметнички кадар.
– Скопје танцовиот театар е лабораторија во која произведуваме одличен уметнички производ. Младите танчери и кореографи кои компанијата ги изнедрува се прекрасни уметници и веќе ја освојуваат интернационалната сцена. Адријана Данчевска, која е дел од првиот состав на компанијата, во дует со Дејан Битровски, настапи во ноември 2022 година на 26-от по ред Фестивал на кореографски минијатури во Белград, каде, за својата кореографија „Не ми ги допирај очите“, ја освои Првата награда на фестивалот, како и Наградата од публиката. Искрено се надевам дека покрај светското препознавање на квалитетот, Скопје танцовиот театар ќе биде вистински препознаен и дома – рече Рисима.