Во Комитетот на министри на Советот на Европа денеска е комплетиран петтиот циклус на редовна евалуација на Северна Македонија, во смисла на нејзино спроведување на обврските преземени со пристапувањето кон Рамковната конвенција за национални малцинства, соопшти Министерствто за надворешни работи (МНР).
Мониторинг процесот, кој трае определен период и низ кој циклично на 5 години поминува секоја земја-договорна страна на Конвенцијата, кулминира со усвојување на Резолуција од Комитетот на министри. Резолуцијата е базирана врз наодите и препораките на Мислењето на независните експерти на Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за национални малцинства, кои остварија и посета на земјава во ноември 2021 година.
Мислењето е објавено на интернет страната на Советот на Европа во септември минатата година, а наскоро се очекува јавно достапна да биде и усвоената Резолуција.
„Во процесот на усвојувањето на Резолуцијата, беа поднесените бројни амандмани од друга заинтересирана делегација кои не наидоа на поддршка од мнозинството земји членки на Совет на Европа. Помеѓу останатото, аргументацијата на високото мнозинството претставници е дека ваквите процеси не треба да бидат прекумерно политизирани и билатерализирани, туку треба да се засноваат на духот и принципите на меѓународното право и стандарди, како и објективните наоди на независните експерти кои рефлектираат на реалната состојба“, се наведува во соопштението од МНР.
Оттаму додаваат дека Македонија останува посветена на почитување и заштита на човековите права, вклучително и малцинските, независно за која етничка заедница станува збор, и отворена за соработка и дијалог со релевантните механизми за човекови права.
Во усвоената Резолуција никаде не се споменува бугарското малцинство во земјава.