Ревизија и можно раскинување на договорот за изградба на автопатот Кичево-Охрид најави денеска премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на Првата конференција за патна инфраструктура во Охрид.
– Сметам дека е недозволиво еден автопат од 40 километри да се гради над десет години и сѐ уште да не биде направен, притоа да се бара повторно продолжување што треба да оди пред пратениците. Од таа причина ќе побарам ревизија на овој проект, и со оглед на тоа што проектот од низа причини не е завршен десет години, сметам дека треба да се размислува и во насока на раскинување на договорот и барање изведувач што ќе го изгради на квалитетен начин, а не да гледаме десет години да се прави пат, да се инвестираат пари, а да нема досега пуштен ниту еден метар од автопатот – рече Ковачевски.
Тој потсети дека проектот се гради согласно договор изгласан во Собранието и посочи дека е недозволиво после десет години повторно да се разгледува „продолжување на нешто што требало да се заврши пред многу години“.
– Недозволиво после десет години пратениците повторно да разгледуваат продолжување на нешто што требало да се заврши пред многу години, и оттаму е потребна ревизија врз основа на која ќе се предложат решенија кои е значат кончено завршување на овој автопат. Треба да се направи ревизија и врз основа на неа да се донесе одлука. Една од опциите е секако и раскинување на договорот – истакна премиерот Ковачевски, притоа најавувајќи и можна специјализирана ревизија на проектот и сите пропусти.
Премиерот Ковачевски и министерот Благој Бочварски во мај годинава најавија дека автопатот ќе биде готов до крајот на 2023 година. Но, денеска премиерот рече дека изведувачите и тој рок не го исполниле, па поради тоа неопходна е ревизија.
Изведувач на патот Кичево – Охрид е кинеската компанија „Синохидро“, а цената на автопатот што се гради 10 години се искачи на речиси 600 милиони евра.