Власта во Република Српска ќе донесе закон со кој ќе им ги ограничи правата на активистите на на ЛГБТИ заедницата со тоа што ќе им забрани пристап до образовните институци, најави лидерот на босанските Срби Милорад Додик во интервју за локалната телевизија К3.
Воведувањето на ваков закон тој го оправдува со тоа дека властите во Република Српска имале институционална одговорност да ги сочуваат традиционалните и семејните вредности.
– Нема да може да се приближат до градинки, училишта, факултети, нема да може да вршат пропаганда – вели Додик.
Забраната на овие лица има многу неодговорени прашања. Нејасно е, пишуваат тамошните медиуми, дали ЛГБТИ активистите ќе имаат право да ги носат и земаат децата од училишта и градинки и дали ќе имаат право да студираат на факултетите.
Изјавите на Додик се сметаат за одговор кон ЛГБТ заедницата со која тој подолго време е во конфликт. Пред неколку дена беа искршени стаклата на ЛГБТ-центарот во Бања Лука (БАСОЦ) и украдено знамето со боите на виножитото. ЛГБТ активистите за овие напади ги обвинија Додик и градоначалникот на Бања Лука Драшко Станивуковиќ, затоа што со своите ставови и изјави го предизвикале нападот.
Ова беше уште еден во низата напади врз граѓанскиот сектор, по нападот на активисти пред просториите на „Транспаренси Интернешнл БиХ“ и нападот врз просториите на Социјалниот културен центар Инџел (ДКЦ „Инџел“).
Последните најави на Додик се само уште еден контроверзен потег на властите во Република Српска изминатиот период. Вчера тамошната влада одлучи да ја прекине соработката со амбасадите на САД и Велика Британија, на што американската страна реагираше велејќи дека Република Српска тргнала по многу опасен пат. Додик, инаку, е на црната листа на овие две држави од 2017 односно 2022 година.
Најавите на Додик наидоа на многу реакции и коментари.
– Оние политичари кои ги носат тие закони немаат референца ниту во науката, ниту во мислењето, тие се полни со некохерентност, полни се со недоследности, не можете да се повикате на ништо за нив. Со нив целосно не се преговара – вели Дражен Црномата, активистот и член на организацијата БАСОЦ.