Британската премиерка Лиз Трас вчера поднесе оставка. Иако неодамна формално ја презеде функцијата од Борис Џонсон, наиде на бројни проблеми, а на чело на британската влада беше само 45 дена.
Нејзиниот краток мандат ќе остане запаметен по хаотичните политички одлуки, медиумските гафови и оставките на министрите, но и по нискиот рејтинг на Конзервативната партија во анкетите, што доведе до зајакнување на опозициската Лабуристичка партија.
Сето тоа „ја принуди“ Трас да поднесе оставка во текот на вчерашниот ден.
Трас официјално е британскиот премиер со најкраток стаж во историјата, а таа го замени Џорџ Канинг, кој беше премиер 118 дена, додека не почина во 1820-тите.
Ова е список на премиери и премиерки во Европа во последните 50 години, кои поминале помалку од 200 дена на чело на владата.
Дритан Абазовиќ – 176 дена (сè уште на функција)
Абазовиќ е последната „жртва“ меѓу европските премиери, кој го загуби своето место по гласањето недоверба на парламентот на 20 август, но засега останува на функцијата.
Лидерот на либерално-зелената партија УРА ја презеде функцијата откако во април падна и претходната влада.
Коалицијата на Абазовиќ на главно проевропски и малцински партии се распадна откако тој потпиша договор со Српската православна црква на почетокот на август, што предизвика непосредни протести од опозицијата откако локалните медиуми објавија дека договорот бил потпишан во тајност.
Новиот премиер на Црна Гора допрва треба да биде именуван.
Пол Ванден Боинантс – 165 дена
Тој беше белгиски премиер двапати, првиот пат две години во 1960-тите, а потоа повторно само 165 дена помеѓу 20 октомври 1978 и 3 март 1979 година.
Откако беше премиер, Ванден имаше многу интересен живот во и надвор од политиката. Во 1980-тите, тој доби тригодишна условна затворска казна откако беше осуден за даночна измама.
Потоа, во 1989 година, тој беше киднапиран од криминална група и држен во заложништво еден месец, барајќи откуп од 30 милиони белгиски франци (околу 30 милиони евра) за негово ослободување.
Ванден Боинантс ја напушти политиката во 1990-тите. Тој почина во 1991 година од пневмонија по операција на срцето.
Андрес Таранд – 161 ден
Тој беше премиер на Естонија само 161 ден. Тој беше на функцијата од 8 ноември 1994 година до 17 април 1995 година.
Доживотен екологист, Таранд студирал климатологија на Универзитетот и служел како министер за заштита на животната средина на Естонија во две влади.
Таранд подоцна беше избран за член на Европскиот парламент и беше член од 2004 до 2005 година.
Бернард Казнев – 161 ден
Францускиот социјалистички премиер Бернар Казнев беше на функција само пет месеци и четири дена од декември 2016 година до мај 2017 година. Тој беше назначен на таа позиција од претседателот Оланд, откако неговиот претходник започна претседателска кампања.
Казнев поднесе оставка на крајот на мандатот на Оланд кога Емануел Макрон ја презеде функцијата претседател на Франција.
Фатос Нано – 103 дена
Фатос Нано потекнува од угледно семејство и со текот на годините полека напредуваше на позиции во Албанската работничка партија. Конечно беше назначен за премиер на преодната влада и доби задача да ги организира првите посткомунистички демократски избори во 1991 година.
Неговата партија победи на изборите, а тој потоа стана премиер. Меѓутоа, генералниот штрајк организиран од независните синдикати го принуди да поднесе оставка неколку недели подоцна, во јуни истата година, откако беше на чело на владата три месеци и 13 дена.
Тој беше реизбран за премиер во два мандати, во 1997 и 2002 година.
Михаи Разван Унгуреану – 89 дена
Михаи Разван Унгуреану беше назначен за премиер на Романија во февруари 2012 година за време на големата политичка криза што ја потресе земјата.
Унгуреану на таа функција беше назначен од претседателот на Романија Трајан Басеску.
Некои го гледаа потегот на Басеску како копија на односот меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот претходник Борис Елцин.
Унгуреану остана активен во романската политика и беше член на парламентот долги години.
Анели Јатинмаки – 69 дена
Анели Јатинмаки беше првата жена премиер на Финска, но само за кратко време, од 17 април до 24 јуни 2003 година.
Таа ја водеше својата партија до победата на изборите во 2003 година, но се вплетка во скандал кога се појавија сериозни прашања за тоа како дошла до некои доверливи документи од Форин Офисот за војната во Ирак, кои ги користела во нејзината изборна кампања за да ја дискредитира опозицијата.
Јатинмаки тврдеше дека некој и ги пратил документите по факс и дека не знаела колку се чувствителни. Виш државен службеник ја оспори нејзината верзија на приказната и бидејќи довербата на јавноста падна нагло, таа мораше да поднесе оставка.
Подоцна таа беше пратеник во Европскиот парламент во Брисел речиси 20 години, од 2001 до 2019 година.
Андреј Луканов – 22 дена
Иако на Бугарија не и’ се туѓи политичките потреси, бидејќи избори се одржаа четири пати во последните 18 месеци, Андреј Луканов го држи рекордот како човек кој поминал најмалку време на чело на бугарската влада, а тој беше на оваа позиција на крајот на 1990 година.
Како што се намалуваше влијанието на СССР во Источна Европа, голем број комунистички земји се најдоа на крстопат, вклучително и Бугарија.
Луканов беше последниот премиер на Социјалистичка Република Бугарија и кога земјата ја започна својата транзиција кон демократија од западен стил по повеќепартиските избори, тој ја имаше оваа улога до 7 декември 1990 година.
И покрај неговите понуди за формирање коалициска влада со опозицијата, таа беше одбиена со образложение дека Луканов, кој беше лојален на Комунистичката партија и висок политичар, треба да ја преземе одговорноста за влошената економија и криминалот на поранешниот режим.
Луканов на крајот беше принуден да поднесе оставка по бројните демонстрации.
Албертас Шименас – 3 дена
Познат како еден од потписниците на Актот за повторно воспоставување на Литванија од март 1990 година, кој практично ја прогласи независноста на Литванија од СССР, Шименас стана премиер на балтичката земја на 10 јануари 1991 година, откако претходната влада поднесе оставка поради економски проблеми.
Сепак, Шименас исчезна три дена подоцна, откако советската армија влезе во главниот град и ги окупираше клучните згради во градот.
Бидејќи Шименас никаде го немаше среде превирањата, Гедиминас Вањориус, уште еден потписник на актот од март 1990 година, одржа итна седница и ја презеде власта.
Шименас повторно се појави на 14 јануари, приклучувајќи се на владата како министер за економија до падот на таа влада во јули 1992 година.
Магдалена Андерсон – осум часа
Првата жена премиер на Шведска, Магдалена Андерсон, за прв пат издржа само осум часа на таа позиција. Во ноември минатата година, по неколкудневни преговори, лидерката на социјалдемократите успеа да формира малцинска влада со поддршка на две помали партии.
Откако парламентот изгласа да го одобри нејзиното назначување, таа претстави нов буџетски план, но една од партиите ја повлече поддршката, а таа поднесе оставка само осум часа по преземањето на функцијата.
Сепак, неколку дена подоцна, предлог-буџетот повторно беше на маса, изменет и одобрен, а Андерсон повторно беше изгласана за премиерка на Шведска.
Таа ја напушти функцијата претходно овој месец, откако беа распишани нови избори во државата.
фото: Монтажа